Јанева бара избраните обвинители да не дадат свечена изјава

0
848

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, бара од седумте избрани обвинители во нејзиниот тим да не дадат свечена изјава и истовремено го повикува Советот на јавни обвинители да закаже седница и да го избере целосниот тим што го предложи таа, стои во писменото соопштение од кабинетот на специјалната обвинителка до медиумите.

Според Јанева, давањето свечена изјава би било акт на потврда на одлуката на Советот, која е спротивна со законот за специјалното јавно обвинителство.

„Се заблагодарувам на Советот на јавните обвинители на Република Македонија на поканата да присуствувам на давањето свечена изјава на јавните обвинители што треба да бидат дел од тимот што беше предложен од моја страна. Во овој контекст, реферирајќи на доставената покана од Советот, во консултација со дел од тимот на јавни обвинители што се избрани и имајќи го предвид нивниот став во врска со одлуката на Советот, им препорачувам да не ја прифатат поканата на Советот на јавните обвинители и да не дадат свечана изјава по повод нивниот избор, од причина што таквиот акт би бил само потврда на одлуката на Советот, која е спротивна со законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, стои во соопштението од кабинетот на Јанева.

Специјалната обвинителка, во врска со барањето за нова седница на Советот на јавни обвинители, во соопштението вели дека членовите на Советот „треба да ја покажат својата професионалност, стручност и самостојност во донесувањето одлуки и дека сите предложени јавни обвинители во нејзиниот тим имаат заслужен кредибилитет да бидат дел од него“.