ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ БИЗНИС ИНКУБАТОР ВО КИСЕЛА ВОДА КАДЕ МЛАДИТЕ ЌЕ СТАРТУВААТ НОВИ БИЗНИСИ

0
51

Честит Меѓународен ден на младите – секогаш ќе бидам пријател и партнер на младите во остварувањето на нивните цели!

Денес, по повод Меѓународниот ден на младите се обратив на конференцијата „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“.
Силно сме насочени кон интеграција на младите во локалната заедница, што се рефлектира преку бројни проекти од кои најголем бенефит имаат младите.
Мојот тим е составен од млади луѓе и како градоначалник, секојдневно работиме со младите од општината и ги сослушуваме нивните проблеми, како и идеи кои ги имаат за подобра иднина.

Како дел од проектот ,,Јас и мојата Кисела Вода” спроведуван од Центарот за младински активизам ,,Крик”, а финансиран од Националниот младински совет на Македонија и Европската комисија, во изминатиот период беа одржани серија од консултативни средби со млади општината, од средните училишта на територија на Кисела Вода како и со претставничките тела на младите – Локален младински совет и Локално Собрание на млади.

Учесниците имаа можност да се едуцираат и да бидат дел од креирањето и спроведувањето на локалната стратегија за млади од општина Кисела Вода.
Говорејќи за донесената локалната младинска стратегија на општина Кисела Вода и Акцискиот план морам да назначам дека беа работени заедно со Коалиција од младински организации ,,СЕГА”, а исто така Кисела Вода влезе и во Еразмус програмата која ќе трае до 2025 и преку која наши вработени имаа студиска посета во Лисабон на тема Млади и младински политики во локалната самоуправа.

Би можел да кажам дека голем дел од проектите што ги спроведуваме во овие три години се произлезени од идеите на младите бидејќи нашата соработка е континуирана.

Тука говорам за отворање на преку 20 спортско рекреативни центри, унапредување на условите во образованието, отворање на кино, на библиотека-нешта што ги немаа 30 години, зборувам за одлични музички концерти на кои реално, најбројна публика се младите, зборувам за изложби, за збогатување на културната понуда со бројни содржини.

Истовремено, начинот на водење на општината-транспарентно, чесно и според закон создаваат плодно тло за инвеститорите, што значи отворање на нови работни места и спречување на иселувањето на младите.Ова е начин на работа кој го трасиравме и по кој ќе се движиме и понатаму во сите наши следни чекори.