Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вечерва во Топ тема на Телма истакна дека се залага за темелни реформи, и инсистираше на елиминирање на практиките што овозможуваат злоупотреби, како на пример, молчењето на администрацијата.
Ѓорѓиевски додаде дека е неопходна законска обврска за редовни инспекциски контроли, особено во јавните објекти, наместо сегашната зависност од добрата волја на функционерите, и потенцираше дека потребен е ресет на системот со јасни процедури и построга контрола.
Ѓорѓиевски истакна дека во општина Кисела Вода не се дозволува автоматско одобрување на барањата за градба врз основа на „молчење на администрацијата“. Тој нагласи дека оваа пракса, која ја користат многу институции, е тргната настрана за да се спречат злоупотреби и манипулации со законските процедури. Според него, неопходен е темелен ресет на државниот систем, во кој треба да учествуваат сите релевантни експерти.
„Најобично одобрение за градба, знаете дека треба согласности да добиете од сите релевантни институции, многу институции го користат доколку не добијат во рок од 15 дена моментот на молчење на администрација па го земаат како позитивно. Во мојата општина такво нешто јас сум забранил. Тој момент на изигрување на постапките на законот, бил тргнат на страна, односно не се дозволило да се движиме во таа траекторија, нас ни треба вистински ресет на државата и во тој ресет треба сите заеднички да учествуваме од оние кои што се највични“ – изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека факултетите што обучуваат кадри во областа на урбанизмот и градежништвото мора да имаат активно учество во процесите што ги спроведуваат локалните и централните институции. Тој исто така предупреди дека не може да се носат и спроведуваат урбанистички решенија без вклучување на професионалците кои ја создаваат стручната фела.
„Не може да има процеси во државата кои што ќе се спроведуваат така. дали е тоа од локалната самоуправа дали од централната власт дали од било која институија, без тие луѓе кои што практично ги создаваат кадрите кои што треба да издаваат одобрение и се останато да не бидат вклучени. Имаме многу што да поправаме во системот, но дојдено е времето кога мораме да го ресетираме целиот систем“ – додаде Ѓорѓиевски.
Нагласи дека иако системот има сериозни недостатоци, неопходно е темелно реструктурирање на институциите и процедурите.
Тој оцени дека процесот ќе биде сложен, но неизбежен, со цел да се воспостави по функционална и одговорна администрација.
„Многу тежок процес е, речиси неостварлив би бил да сето она што го работеле тие во минатото би се проверило во наредниот период. Не велам дека не треба да се провери, особено ако станува збор за објекти од јавен карактер, како градинки, како училишта како културни домови, спортски сали итн. Но, дека лесно ќе се заврши тој процес и дека ќе биде од денес за утре, не верувам лично во тоа, објективно гледано“ – нагласи Ѓорѓиевски.