Ѓорѓе Mарјановиќ: Oдлуката на уставен е голема срамота!

0
898

Апсолутно сум против оваа одлука на Уставниот суд. Со еден збор би кажал дека е ГОЛЕМА СРАМОТА што Уставниот суд не собра сила да се спротистави на предлогот што толку бргу го зеде во разгледување, речиси непосредно пред изборите што не очекуваат.

И токму таа нивна брзина во одлучувањето како да ни’ испраќаше сигнали каков ќе биде и нивниот одговор, знаејќи каков е партискиот „бекграунд“ на дел од судиите во овој суд. Се’ ми се чини дека со ова самата власт признава дека имала искуство во изборните манипулации, и истите ги стекнала при поранешните избори, па сега сака своите миленици – учесниците во овој криминал од минатите избори – да бидат помилувани од Претседателот. Ја споменувам власта, затоа што е толку јасно кој стои зад ваквиот предлог. Од друга страна, бидејќи во оваа група е и кривичното дело „педофилија“ би требало истите тие судии да се запрашаат каков би бил нивниот однос кога жртвата, доколку таа би била некој член од нивното потесно или пошироко семејство. Дали и во тој случај би имале милост кон лица што им ја упропастиле иднината на жртвите, вели во интервју за порталот Фактор професорот Ѓорѓе Марјановиќ.

Фактор:Дали е нарушен уставниот поредок и е доведено во прашање функционирањето на правната држава?

Проф.Марјановиќ: Секако дека е нарушен уставниот поредок на државата и што е многу важно – ова е уште еден аргумент зошто граѓаните на Република Маќедонија немаат верба во институциите – ниту во судовите, а сега ниту во Уставниот суд. Се сеќавам дека уште во првите години по осамостувањето реков „Ние не сме држава, туку си играме држава, како малите деца“. Ова што ни’ се случува сега, е незамисливо да се случи во која и да е земја во Европа. Па ние со ова покажуваме дека сме многу далеку од патот кон Европа. Како да сме залутале негде!