ЃОРГИ ДИМИТРОВСКИ – ВОЈВОДА

0
1224

Во 2001-та, со неговото РПГ (рачен фрлач на ракети), не се плашеше да им влезе на УЧК во гард. Ги пукаше од далеку а богами и од блиску. Го викавме Војвода. Ѓорги Војвода. Денес Војводата не е “Тигар“. Но сеуште е храбар. И не му се плаши. На суровиот режим. Ми пријде пред камера, се поздрави со мене. Се насмевна со неговата чудна и таинствена насмевка.

stojanche-angelov-blackwhite-kolumni

Насмевка која добро ја знам. Си мислам. Што ли му текна сега? Дали се сети како го строев во строј? Кога му бев командир на вод. Или, му текна како како го ползев како гуштер, по црвената прашина и кал низ касарната “Илинден“? Или, можеби му текна на една од повеќето заеднички битки? Мислам дека да. Знам и на која. На таа што и двајцата најмногу ја паметиме. И ќе ја паметиме додека сме живи. Битката во која го изгубивме Александар. Александар Серафимов. А Копчарот остана жив. Ранет но жив. Без неколку метри црева. Без слезина. Но жив.

Сонцето полека пропаѓаше зад планината. Некоја чудна тишина се беше надвиснала над селото. Матејче. 02 јуни 2001-та. Во униформа на која сеуште ги немав амблемите на “Тигрите“ стоев затскриен во близина на полициската станица. “Ќе им се степаме ли?“ – ведар глас допре до мене. Се свртев. Го видов Војводата. Беше командир на вод. Јас, заменик на командантот на “Тигрите“. Го гледам и си мислам. Овие се многу блиску. Ако ги нападнеме сега ќе имаме подобри позиции во текот на ноќта. Ако не ги нападнеме сега тие ќе не нападнат нас во текот на ноќта. Угоре високо, удолу длабоко. Фрлив поглед кон оклопните транспортери. Неколку од нив веќе беа заминати за Скопје. Оттаму требаше да продолжат некаде во тетовско. Ги бројам останатите. Само четири. Четири Хермелини по пет луѓе. 20 припадници на “Тигрите“ заедно со триесетина полицајци од посебната единица. Еден тенк, три минофрлачи, неколку митралези, десетина фрлачи на гранати. Монтирани на автоматските пушки. Тишина. Мислам и се потам. Некако се бев навикнал на кочанските полицајци од посебната единица. Дваесет “Тигри“, триесетина припадници на скопската посебна единица, исто толку резервисти.
Ќе им се степаме! – му реков. Војводо, организирај ги луѓето. Со по една посада од “Тигрите“ засили ги ударните позиции. Специјалците изрипаа. Се растрчаа на сите страни. Навидум како муви без глава. Но, за неколку минути секој беше на прецизно определено место.

Со уште четири “Тигри“, поднаведнат, претрчав до најдалечната утврдена позиција. Таму веќе беа засолнети неколку припадници на посебната полициска единица. Стотина метри понапред беа позициите на УЧК. Или можеби пеесет? Којзнае. По моторолата слушав како секој командир на тим дава потврден одговор дека ги има заземено своите позиции.

Погледнав кон Аџо. Затскриен, ѕиркаше преку вреќите со песок барајки ја целта. Имаше проблем. Многу ни беа блиску. Требаше да пука во воздух. Безмалку под агол од 80%. За гранатата да падне кај нив. Кај позициите на УЧК. Ми даде знак дека е готов. Тогаш, почна…

Пукотници, експлозии, татнеж… Времето застана. Не знам дали поминаа неколку секунди, неколку минути или неколку часа. Одеднаш од моторолата се слушна силно викање. “Потепасте не, потепасте не, прекинете! Паѓаат кај нас. Удираат во нас! Удри во ѕидот! Во ѕидот! Слушав како Пеле урла на цел глас! Тешко ранети, тешко ранети“, продолжи да вика Пеле. “Прекини со оган, прекини со оган“ почнав да се дерам колку што ме држи глас. Одеднаш настана тишина. Гробна, злокобна тишина. Како и другата страна да ја послуша мојата наредба. Но, само за миг. Повторно рафали. И пак експлозии. Со спринт, колку што ме држеа нозете, се стрчав кон позицијата на Пеле. Беше мрак. Темнина. Тргни, падни, исползи, стани… Стигнав. Во главата ми брчеше. Додека се обидував да земам воздух видов како во дворот на училиштето го носат Копчар. Нинџа урлаше нешто. Клекнат до Копчар се обидуваше да го сопре крварењето. Тогаш видов. Ја видов подлактицата на Копчар. Беше скината над зглобот. Шаката со дел од подлактицата му висеше на кожата. Имаше и малку месо. Од скинатите артерии ритмично шприцаше крв. Го прскаше Нинџа по лицето. Нинџа моташе. Моташе со завој. Моташе, моташе, но крвта не престануваше. “Стомакот ме боли, стомакот ме боли“, непрекинато повторуваше Копчар. Си мислевме, од стресот. Од болката. Рефлексија. Дури следниот дена ни кажаа дела голем шрапнел се забил во неговата слабина. Му ги раскинал цревата, му ја расцветал слезината.

Каде е другиот? Почнав да викам. Неколку полицајци во раце го носеа Александар. Александар Серафимов. Експлозијата му го раскинала рамото. Раката му беше лом. Од окото, покрај носот му течеше тенок млаз крв. Не беше свесен. И од другото око му течеше нешто. Незнам дали беа солзи или крв. На почетокот стенкаше. Неколку минути подоцна стивна. Викавме по него. Се обидувавме да го освестиме. Не одговараше.

Целиот во шок се одалечив неколку метри и застанав до еден ѕид. Се чудев што да правам. Двајца тешко ранети, неколку полесно… А луѓе нема. Нема доволно. Патот кон Куманово минуваше низ албанско село. Знаевме дека внатре има припадници на УЧК. А патот. Патот најверојатно миниран. Главата ми бучеше. Ако пратам засилено обезбедување на конвојот со ранетите ќе ги ослабнам позициите во селото. Ако пратам послабо обезбедување ќе ги убијат по пат. “Еј, нема време! Мора да се изнесат веднаш“. Зјапав во Наколец од Крушево. Стоеше до мене и тивко ми збореше. Секундидите стануваа минути. Одвреме навреме ќе се слушнеше по некој истрел. А потоа рафал. Експлозиите престанаа. Го викнав Пеле. Земи ја твојата екипа и уште еден Хермелин. Носете ги ранетите надвор. Во Куманово. Или, во Скопје? Ме плашеше Александар. Ме плашеше и Копчар. Премногу крв. Ќе искрварат до Скопје. Куманово е поблиску. Минути се во прашање. “Пеле, со Господ напред, Оди во Куманово“. Чувствувам непријатност. Како да ги праќам во смрт. И ранетите и здравите. Во темна ноќ да се помине по тој пат, низ тие села, низ Кумановско-липковскиот регион… Самоубиство. Самоуништување. А мора. Нема друг излез. Нема кој друг.

Јас морав да останам со главнината на единицата. Ме чекаше долга и мачна ноќ. Ноќ без спиење. Ноќ со преиспитување. А ако не нападневме? Ќе беа ли живи и здрави? Или, ќе беше бетер? А УЧК? Ќе нападнат ли пак? Или нема?

Во меѓувреме ранетите беа натоварени во еден стар и никаков болнички Форд. Наш, на “Тигрите“. И болничарот беше наш. Од “Тигрите“. Нинџа. Не беше вистински нинџа. Само така го викавме. Нагалено. Имаше завршено курс за прва помош. И толку.

Александар умре. Пет месеци подоцна. Во шок соба. Нека Бог се смилува над неговата душа.

Копчар е жив. Жив но осакатен. Без слезина. И без малку црева. Но жив. Жив и силен. Јунак македонски!

Војводо, денес покажа дека си голем. Не му дозволи на режимот да те исплаши. Ми пријде и се поздрави со мене. Пред камера. И замисли. Дојде ден, поздравот со мене да стане поопасен од гранатите на УЧК. Војводо, за ваква Македонија ли се боревме?

15.03.2015 година
Генерал Ангелов