ШПАНСКИ САПУН

0
613

Таман помисливме дека ги видовме најсмешните видео инсерти од Судскиот Совет, сепак не било така. Истите лица, пак влетаа со нови материјали, како во најобскурно reality show или уште полошо, се нашле затечени во “шпанска сапуница”.Незнам дали има некој (од дома барем!) да им каже дека ама воопшто не им се смешни клипчињата.

Мизерни им се , до мера што сите се срамиме од вашата ефтина продукција.Кога ги гледам и слушам работите кои во последно време се одвиваат буквално и толку ВУЛГАРНО во директен пренос пред очите на јавноста, чиниш сексуални егзибиционисти се во прашање.Уживаат они во својата јавна експозиција на вознемирувачките содржини.

Ме интересира само како им изгледаат работите што ги прават, во моментот кога ќе си дојдат дома?Што им зборат на партнерите, на децата? Дали си се смешкаат со пријателите?Шетаат и сретнуваат луѓе на улиците – како ли се осеќаат вака “избербатени” до зла бога? Каков профил на луѓе се тоа: без трошка срам, без трошка одговорност,без самосвест, и се разбира, дoкажливо, со НУЛА професионалност!
Досега членовите на овој состав на Судскиот Совет требаше да бидат оддамна мината работа.

А не упорно да ги трпиме и да не тормозат со своите вулгарности.
Човече боже, гајле немаат. Новиот господин Претседател, кој се претстави и како ВЕРНИК, мува не го лази и си дава некакви изјави човекот, а всушност, си се ИСПАЗАРИ ВО ДИРЕКТЕН ПРЕНОС: дигна раче во клучниот момент, гласаше и се вивна во ѕвездите.

Пази, и ова. Претседателот на СС, учествувал во 5-тата регионална конференција, за ни мање ни више “Улогата на судскиот совет во ефикасна и фер постапка” ?!?!?? оддекнува веста по медиумите…
Господ да ти е на помош, и тебе и на нас.Овие луѓе како да живеат во некој паралелен свет.
До нив не допираат повиците за итна декомпромитација на Судскиот Совет.
Ниту пак покажуваат свест дека од оваа институција направија Р’шум.
Кој се не им укажа на нелегитимноста.
Макар еден да си дадеше оставка.

Еден да речеше “аман срамота е ќе си одам”
Јок бре брате!И Претседателот Стево Пендаровски, отворено се огради од своите номинации, и со тоа ги повика на одговорност барем тие што се од него предложените.
NO WAY – НЕ ГО ДАВААТ СОВЕТОТ.Го окупираа, не пуштаат.И, како тргнаа работиве во правец на “Шпанска сапуница” најверојатно во идните епизоди ќе очекуваме да дознаеме дека Дамева му е татко на Адеми, а он е сам своја мајка, додека Георгиев како верник “све им веруе”. И се тоа во директен пренос.

Но, шегата на страна.
Факт е дека ова тело во својот состав е тотално нелегитимно (и нелегално, би рекла), затоа што функционира надвор од законот. Оттука, и нивните одлуки, консекветно се исто така нелегитимни (и нелегални) и тие како одлуки понатаму произведуваат низа други нелегитимни и нелегални решенија.
И што се прави во такви ситуации ?! М?

Обвинителството, прво, не би смеело да се “прави наудрено”!
Сите сте глуви и слепи, пред релната ОКУПАЦИЈА на Институцијата Судски Совет!
Запоседнат е Судскиот Совет, разбирате ли?
Па добро бре мајку му стара, има ли оваа земја органи на прогон да покрене постапка? Има ли Собранието механизам да ги разреши?
Одма да Ви кажам: има!, ама исто како да ги нема.
А се додека е така, и нас ќе нема како субјект вреден за почит. Толку.

Пишува : Ана Чупеска