ШОКАНТНО: ВЕСНИКОТ СЛОБОДЕН ПЕЧАТ ДОЗНАВА ДЕКА ОВИЕ ДЕНОВИ СЕ ЗАКАЖАНИ СТОТИНА СВАДБИ СО НАД 200 ГОСТИ!!!

0
457

Деновиве сведочиме невиден славенички транс. Свадбите, матурските, полуматурските, роденденските прослави дури и со по 200 присутни луѓе стануваат секојдневие. Социјалните мрежи сведочат за прослави со огромен број на гости, со музика, без маска и дистанца. Се лепат банкноти на челата на трубачи, се играат чочеци, а не изостануваат ниту документаристичките афинитети на славениците, кои ги снимаат своите забави и во живо ги емитуваат на очиглед на целата јавност.

Сцените од видео материјалите од свадбите одржани неодамна, се фрапантни. Веселбите на ниеден начин не се одвиваат по било каков протокол, туку на начинот на кој се одвиваа пред пандемијата.

До нашата редакција дојдоа многубројни видео материјали и фотографии од Скопје и од градови од внатрешноста, каде снимателите ги охрабруваат гостите „да се фатат на орото и да не се плашат од короната“, како и „да им покажат на другите дека немаат страв од короната“.

На еден од видео материјалите, сосема амбивалентно, една од славеничките ја вади маската од џебот и ја користи како шамиче за виење на чело на орото.

Додека здравствените работници се на раб на премаленост, болничките капацитети се сериозно оптоварени, а пациенти со тешка клиничка слика се борат за живот, коронавирусот, едноставно, за некои граѓани како да не постои.

Сарказмот и иронијата одат дотаму, што групи кои се претставуваат како „риболовни друштва“ на Фејсбук му испраќаат ироничен поздрав на министерот за здравство Венко Филипче, додека се фотографирани во група, без маски, без дистанца.

Редакцијата на „Слободен печат“ е известена дека во следните два месеци, има закажани масовни свадби, со по 200 гости, а за нив идните брачни двојки не само што ги имаат покането гостите, туку и им платиле капар на локалите што ќе ги одржат.

Министерот за здравство Венко Филипче, апелираше доколку принципите за безбедност не е можно да се одржат, прославите да се одложат.

– Лично мислам, дека било каде, ако може да се одржи собир со маска и дистанца, нема проблем да се одржат прославите. Но, ако не може да се воспостават овие принципи на маска и дистанца, тогаш не организирајте веселби, одложете ги, апелираше тој напоменувајќи дека голем број од 40те кластери, се всушност резултат на свадба, мекици, ифтари и слави.

Но, овој апел од едно уво влегува, а од другото уво излегува. Масовни се и седенките во парковите, прославата на родендените на отворено, организираните скари. Едноставно, постои разлабавување и губење на кондицијата на издржливост и почитување на мерките кај голем дел од луѓето. Не се пропушта да се подготви софра ниту за завршено деветто одделение и покрај тоа што родителите се „изборија“ децата да не им одат во училиште и да не полагаат државна матура.

Директорката на државниот санитарен и здравствен инспекторат, доктор Ирина Сотирова Бухова вели дека има 40 кластери во Македонија, а од нив половината се во Скопје.

– Имаме кластер мекици Охрид, кластер слава Ресен, кластер свадба Скопје, кластери ифтарски вечери и за жал кластери погреби. Ова се големи кластери на кои присуствувале од 50 до 150 а некаде и 200 луѓе, рече Бухова изразувајќи чудење што овие масовни собирања не биле забележани од полицијата.

Од скопската свадба со невеста од Лекарска комора, има 14 позитивни лица, но ниту еден од нив не посочил ниту еден контакт.

Следната недела на веб страницата на Министерството за здравство ќе осамнат имињата на сите оние кои не сакаат да соработуваат со здравствените власти и избегнуваат да го примат решението за изолација. Има случаи кога тие даваат грешни адреси, не им ја отвараат вратата на инспекторите, некој им кажува дека „лицето ниту живее таму ниту го познаваат“ и им даваат на инспекторите грешни телефонски броеви само за да не го примат решението за изолација. Понатаму тие функционираат слободно, односно со никаков правен механизам не им е ограничено движењето.

-Секое позитивно лице или контакт од прв ред со висок ризик со позитивно лице кое нема да го прими решението и слободно ќе функционира е потенцијална „бомба“ односно потенцијална зараза за сите оние каде што ќе се движи, рече Бухова.

Филипче бара тие што не даваат контакти да се санкционираат
Во интервју за ТВ 21, министерот за здравство рече дека во огромен број на случаи граѓаните даваат податоци и за контактите и за тоа кај се случил собирот и признаваат дека не се придржувале до правилата и препораките. Но, има и навистина голем број граѓани кои не соработуваат.

– И на терен епидемиолозите се соочуваат со проблеми. Прават интервју на некој заразен и за контактите кои ги имал заразениот, ниту дава точно име и презиме, ниту точен телефон, ниту точна адреса и на тој начин сме оневозможени да стигнеме до вистинските контакти. Луѓе кои може да се носители на вирусот и во моментот ја шират болеста. И тоа е сериозен проблем. Во овој момент станува збор за луѓе и пациенти кои се лекуваат. Апсолутно мислам дека треба да се санкционираат, зашто тоа е сериозно загрозување на јавното здравје. Недозволиво е некој да организира собир на повеќе од 100 луѓе и да се детектираат заразени случаи, ем од друга страна да не ги кажува контактите, рече министерот.