ШОКАНТНО : ВАЊА СО ВРЗАНИ РАЦЕ ЈА СТАВИЛЕ ВО АВТОМОБИЛСКИ ГЕПЕК ДОДЕКА ПАНЧЕ БИЛ УБИЕН ЗА ДОЛГ ОД 500 ЕВРА

0
497

Случајот со грозоморните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски се повеќе се расплетува. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и главниот скопски обвинител Гаврил Бубевски на денешната конференција открија многу детали од истрагата која се уште се води.

Спасовски рече дека малолетното девојче Вања било грабнато во влезот на зградата кога излегувала за да оди на училиште.

-Утврдено е дека двете од лицата коишто било со возилото со Цитроен, со претходно добиената информација, вечерта пред извршувањето на грабнувањето, дека девојчето ќе биде само, во влезот од зградата го земаат и со врзани раце и нозе, во вреќа за спиење, го ставаат во гепек. Пред возилото Цитроен, цело време се движи Рено. Однесено е на локација надвор од Скопје, кај селото Бразда, каде што е извршено убиството, па потоа е запалено возилото, рече Спасовски.

Претходно беше кажано дека едно од осомничените лица во договор со член на семејството го организирале кривичното дело со цел да изнудат пари од мајката на Вања која во тој период извршила продажба на стан.

-Мотивот е користољубие при што едно од лицата, во договор и со знаење со член на семејството го организира извршување на кривичното дело со цел да изнудат пари од мајката, наведе Спасовски.

На прашањето зошто барањето за откуп завршило со убиство, обвинителот Гаврил Бубевски рече дека осомничените ги фатила паника дека се следени и затоа решаваат подоцна да ги бараат парите и го убиваат девојчето.

-Каде дошло до излегување на контрола на лицата кои го признаваат делото? Нивните укажувања во нивна насока, дека со оглед дека имале веќе некаков страв, паника поради тоа што јавноста била целосно ангажирана на барањето на детето, и затоа го ликвидирал. Овие информации се од кажувањата на осомничените, а дополнително ќе се врши анализа, обдукција, рече Бубевски.

На поконкретно прашање дали таткото е директно инволвиран, Бубевски рече дека сега се утврдуваат врските, односно дали се работи за организирана група и дали сите се со ист мотив.

-За таткото засега имаме докази дека посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома за да биде земено. Немаме сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство. Едно од осомничените лица кажа дека информациите за девојчето ги има од таткото. Според мене, од исказите се гледа јасна хронологија на нивните дејствија, па немам сомнеж во исказите, рече Бубевски.

Таткото на Вања, инаку, пред истражните органи тврдел дека воопшто не е виновен.

-Тој негира. Неговата посредна повразност ја гледаме од исказите на други лица, дека знаат за контактот со таткото. Имаме основано сомневање за неговата поврзаност, рече Бубевски.

Полицијата се уште нема информација дали откако била киднапирана Вања била упатено барање за откуп.

Поврзаноста на киднапирањето во Велес и во Скопје полицијата ја видела кога на видоа снимките од надзорните камери се појавиле две возила „Цитроен“ и „Рено кангу“ како се движат заедно кон зградата на Вања.

Спасовски, пак, рече дека главниот организатор на грозоморниот чин е и извршител на убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски и дека е во бегство.

– Главниот организатор и извршител кој со пиштол на 27 ноември според досегашните утврдени докази некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започнатата истрага после првата пријава. Можам да ветам дека ќе сторам се и јас и институцијата ова лице или ако сакате подобро на овој монструм на кој му ја следиме трагата час поскоро штом стапне на наше тло да биде изведен пред лицето на правдата, кажа Спасовски.

Тоа лице ја напуштило земјата и со неговиот адвокат прво избегале во Белград, Србија, а потоа во Бугарија.