ШОКАНТНА ИЗЈАВА НА ГЕОРГИЕВСКИ : ПОДОБРО ЌЕ БЕШЕ АКО ПОМИНЕШЕ ИДЕЈАТА ЗА ТРАМПА НА ТЕРИТОРИИ И НАСЕЛЕНИЕ ВО 2001!

0
1112

Оваа идеја не беше идеја на авантуризам, туку на најодговорни луѓе, кои во тоа време ја водеа државата и на некој начин спонтано оценија дека тоа е решение за тој момент, но и за иднината на Македонија, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во интервју за „Фокус“.

Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме мегаинтервју со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој, меѓудругото, говори и за воениот конфликт во 2001 година и за концептот на поделба на Македонија, односно, како што вели, за мировната идеја за трампа на територии и население, откривајќи детали кој сѐ бил вклучен во процесот.

Разговараше:

Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Деновиве, Дрин Ахмети рече дека Македонците не му биле благодарни на неговиот чичко Али Ахмети за тоа што ја спасил Македонија од Вас во 2001 година, односно од Вашиот план за поделба на државата.

ГЕОРГИЕВСКИ: Кој од кого ја спасувал Македонија во таа 2001 година, кој пукаше против Македонија, кој ја бранеше Македонија… Тоа е тема што е апсолвирана, но да се навратиме на прашањето на поделбата… Кога почна нападот од Косово кон Македонија, а потоа на тоа се приклучија некои структури и внатре во Македонија, иако морам да кажам дека на почеток тоа бавно одеше, главно беа увезени сили.

Во сите тие разговори дојдовме до еден ист заклучок на повеќе места, на повеќе нивоа. А, тоа беше – ако Албанците не сакаат да живеат со нас, како во секој брак, каде што не одат работите, да пробаме да се разделиме. Втора работа – јасно беше дека цел западен свет, не само што не ни помагаше, туку стоеше на страна на Албанците.

Со дистанца на времето можам да кажам дека идејата не беше за поделба на Македонија, туку за трампа на територии и население. И, од македонска страна беше идејата Тетово, Гостивар и Дебар, со плус минус некои села. Значи, без Кичево, Струга, без Скопско, Кумановско. А, од албанска страна да се побара реално многу помал дел, но за нас значаен дел, делот околу Преспа, каде што живеат Македонци и на некој начин Преспанско Езеро да го заокружиме.

ФОКУС: На кое ниво се водени овие разговори? Тоа се затворени неформални дискусии или се разговарало на влада?

ГЕОРГИЕВСКИ: На ниво на владата не се зборуваше, но за тој муабет имаше согласност меѓу мене како премиер, Борис Трајковски како претседател, Стојан Андов и Доста Димовска беа вклучени во таа дискусија. Сите тие имаа афирмативен став.

Не е некоја тајна дека Трајковски самиот му има кажано на Зоран Димитровски, дури без моја консултација, да го објави тоа во весникот „Вечер“. Исто така, мислам дека Трајковски тоа го има разговарано и со Бранко Црвенковски.

Од друга страна, морам да кажам дека независно од нас, на една средба со тројца академици, на која беа претседателот на МАНУ, Ѓорги ЕфремовЃеорги Старделов и Блаже Ристовски… И тројцата таа идеја ја споделуваа пред мене без никаков притисок, дури иницијативата на муабетот тргна од нив. Ефремов остана доследен до крај на идејата, а другите двајца се повлекоа од дискусијата.

И, морам да кажам дека и некои црковни лица беа запознаени, да не ги компромитирам, но многу важни црковни лица, кои исто така рекоа дека во тој момент, ова можеби е решение.

Оваа идеја не беше идеја на авантуризам, туку на најодговорни луѓе, кои во тоа време ја водеа државата и на некој начин спонтано оценија дека тоа е решение за тој момент, но и за иднината на Македонија.

ФОКУС: Дали оваа дискусија се ограничила тука или се развила до страните со кои би морало да се склучи договор за таква трампа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Идејата ја образложив само кај Арбен Џафери. Тоа прашање му го отворив. Тој ми рече дека за него ова можеби е некакво решение, но мора да разговара. Со кој разговараше, на кое ниво и каде, не знам. Но, по десетина дена ми рече дека во овој момент не може да го продолжи тој разговор.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ ПРОЧИТАЈТЕ ГО ВО НОВИОТ БРОЈ НА НЕДЕЛНИКОТ КОЈ МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК.