Шилегов: Не сум задоволен како стоиме со правдата. Во борба сме со остатоците Сваровски-судството

0
237

Не сум задоволен како стоиме со правдата. Во борба сме со остатоците од она што беше Сваровски-судство. Со тоа судство се тепаме и поради тоа не до крај можеби во оваа фаза можеме да ја спроведеме правдата, која е толку насушно потребна во нашето општество. Тоа е следниот таргет, вели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Според него, работите бавно се одвиваат во судството, но не во целото, туку во она во чиј домен е одлучувањето за криминал. -Претежно зборуваме за еден суд во државата Основен, и еден суд во државата Апелациски, рече Шилегов.

Не смета дека евентуално незадоволство од работата на градоначалниците може да се одрази на предвремените избори зашто, како што вели, народот е мудар, знае да ги дели работите и точно знае за што и за какви политики гласа. Во изминатите речиси три години не гледа, рече, фундаментални и стратешки грешки во носење политички одлуки од СДСМ, туку ситни и човечки грешки направени во ôд. Притоа нагласи дека за две и пол години земјава станува членка на НАТО.

Во однос на тоа дали Градски енергетски системи (ГЕС) ќе ја гради мрежата за снабдување со гас, градоначалникот одговори дека искрено се надева, и дека Градот ќе излезе од, како што рече, правните лавиринти во кои се наоѓа визави концесискиот договор со БЕГ.

-Ако сакаме да го решиме од корен проблемот со аерозагадувањето во нашиот град, ние мора стратешки и коренито да го решиме проблемот со затоплувањето на домовите. Во една таква констелација на односи, мојата одлука беше дека Градот мора да биде предводник и креатор на сопствена енергетска политика и заради тоа го создадовме ГЕС. Имаме животен интерес за развој на мрежата, зашто дисперзијата на топлотна енергија во што е можно повеќе домови значително ќе придонесе во намалување на емисијата штетни гасови во градот, истакна скопскиот градоначалник во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.