Шилегов: Баџанакот на Мијалков во Струмица спроведува нарачки на уплашениот Груевски

0
505

„Никола Груевски е уплашен. Следува одговорност за изборниот грабеж што го правел тој и неговите најблиски соработници. Акциите што денеска се спроведуваат во Струмица, на барање на партиските структури на Никола Груевски во Основното јавно обвинителство се предводени од баџанакот на Сашо Мијалков, Јован Илиевски“, реагираше Петре Шилегов од СДСМ, откако утрово Обвинителството за организиран криминал во соработка со МВР започна акција во Општина Струмица, при што беа одземени општински компјутери и се вршеше распит на 10-ина лица.

„Никола Груевски, творецот и реализаторот на изборните грабежи во Македонија, неуспешно се обидува да избега од изборниот криминал што го правел заедно со неговите соработници. Извршените претреси во Струмица, во Кабинетот на градоначалникот, воедно и претседател на СДСМ, Зоран Заев, се уште еден неуспешен обид за притисок. Ниту еден притисок креиран и спроведен од партиските структури во Основното јавно обвинителството под контрола на Јован Илиевски нема да успее“, рече Шилегов на прес-конференција.

Според Шилегов, борбата против криминалот на Никола Груевски и неговите соработници започнала и ништо не може да ја спречи, а секој што го прекршил законот ќе одговара.

„Нема да успеат сценаријата, со партиски нарачки да се тргне вниманието на јавноста од криминалот на Никола Груевски, изборниот грабеж и срамните одлуки на Уставниот суд коишто треба да се пласираат преку режимските медиуми. Промените доаѓаат на слободни, фер и демократски избори на коишто ќе победи правдата, вистината и европска Македонија“, рече Шилегов.