ШЕШОВ : ДОКАЗ ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАДБИТЕ ВО ЗЕМЈАВА СЕ ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ОД 2015 ГОДИНА

0
521

Науката нема интерес да предвидува, иако однапред знае каде каде може да се случат земјотреси, бидејќи постојано со инструменти ги следи движењето на земјината кора, но е многу несериозно, неодговорно, непринципиелно и не е базирано на факти да се каже дека може да се знае кога ќе се случи потрес, вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов во интервју за МИА.

– Ако ние кажуваме дека постои веројатност дека во наредните 100 години ќе се случи еден земјотрес, кој ќе надмине магнитуда, да кажеме од 6 степени, тоа значи дека нашите податоци покажуваат дека во тој временски период тие раседни структури произведуваат енергија која што во еден момент ќе се ослободи и ќе предизвика таков потрес. Тоа е веќе научно искажан факт, нагласува Шешов.

Шешов додава дека во земјава во најголем број случаи при изведбата на згради се почитуваат сеизмичките прописи, а контролата на нивната примена што ја врши ИЗИИС и заедно со одговорноста која сè уште постои кај најголем број проектанти и градежници придонесува да имаме сигурни градби.Според него, доказ за безбедноста на објектите е самиот факт што при серијата земјотреси што се случија во Скопје во 2015 година никаде немаше значајни оштетувања, што претставуваше реална проверка за тоа какви се зградите во земјава. Шешов додава дека не постојат 100 отсто сигурни згради и во случај на земјотрес сите треба да знаеме дека ќе има оштетувања, но битно е да не дојде до колапс на градбите.