Шестмина осомничени од Прилеп, Битола и Арачиново уапсени во акцијата на МВР

0
1057

Шестмина, од вкупно осум осомничени лица, биле уапсени во вчерашната акција на МВР против организирана криминална група која подолго време се занимавала со продажба на разни видови наркотици на територијата на целата држава, соопшти денеска Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Акцијата, која МВР ја спровело по насоки од обвинителството, била спроведена против лица од Прилеп, Битола и Арачиново. Двајца од осомничените, како што информираат од обвинителството, не се достапни за органите на прогонот.

На петмина од уапсените обвинителството побарало судот да им одреди мерка притвор, а на еден куќен притвор.

„Лицата се товарат дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215, а на еден од осомничените му се става на товар и дека сторил кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Надлежен јавен обвинител во меѓувреме издал наредби за вештачење на траги од дрога, вештачење на ДНК и на наркотични супстанци што биле најдени за време на полициската акција.