Шекеринска: Охрид по изборите ќе ја добие грижата што ја заслужува

0
998

Охрид и Охридското Езеро после изборите во декември ќе ја добијат грижата што ја заслужуваат, да го задржат статусот на споменик на културата односно природно богатство заштитени од УНЕСКО. Тоа денеска од Охрид го порача Радмила Шекеринска, носител на кандидатската листа на СДСМ во 5-тата изборна единица.

– Преземаме обврска да ги заштитиме сите споменици во Охрид што се од пошироко национално значење, а Охридското Езеро од криминалните проекти што го доведуваат во прашање неговото место во УНЕСКО. Имаме конкретни планови за инвестиции во заштитата на вистинското културно богатство, како и нов закон за заштита на спомениците на културата што ќе биде и финансиска обврска на државата за нивна заштита, рече меѓу другото Шекеринска.

Таа порача дека СДСМ со планот „Живот во Македонија“ се обврзува да обезбеди враќање на сјајот на Охрид, создавање услови за останување на младите тука, тука да создаваат семејство, а не својата иднина да ја бараат надвор од државата.

Шекеринска од Охрид најави двосменско работење на државните институции, каде граѓаните ќе можат да ги остварат своите клучни права без да го губат своето време, потоа укинување на партиципацијата и плаќањето за болничко лекување, обезбедување квалитетни лекарства, како и намалување на административните обврски на лекарите, можност квалитетно да се посветат на професијата во интерес на пациентите.