Шекеринска: Денешниот датум ќе влезе во учебниците на нашата историја

0
126

Нашата генерација ја запиша својата прва историска победа. Денешниот датум – 27 март е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата историја. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана 30. членка на НАТО – Алијансата. Со денешниот финален чин на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот во Вашингтон, станавме полноправна, официјална, 30. земја – членка на најмоќниот воено политички сојуз на денешнината, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во обраќањето по повод формалното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО.

-Нека ни е честито. Денеска влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Го чекавме, се надевавме, работевме и се жртвувавме. Членството во НАТО не го добивме како подарок, туку го сработивме и го заслуживме со многу тешки реформи, но и со видливи резултати. Армијата на Република Северна Македонија сега е НАТО – Армија. Заедно сме горди на нашиот успех. Беше чест и привилегија да се биде дел од тимот, дел од генерацијата која го отвори патот за следните генерации, патот на успех, патот на безбедност, патот на просперитет. Честитки до сите граѓани, честитки до Армијата, но честитки и до нашите сојузници и НАТО – Алијансата, рече Шеќеринска.

Сепак, како што рече, за жал, не можеме да ја прославиме победата како што заслужува бидејжи сме во нова битка со различен непријател. -Но, секој следен 27 март ќе го славиме денешниот ден, денот кога покажавме дека знаеме што сакаме, и дека го реализираме тоа што го сакаме. Од денеска вртиме нова страница и отвораме ново поглавје, порача таа.