Шарена револуција повикува на масовен собир на 6 јуни: Да ставиме крај на кризата!

0
1180

Граѓанки и граѓани,

шести јуни е датум со силно значење за сите нас, датум со крв врежан во нашите сеќавања. Ден кога сите ние дознавме за свирепоста, бруталноста и способноста на власта да сокрие убиство на дете – Мартин Нешковски. Пет години подоцна, овој датум ќе добие уште поголемо значење.

Два месеца неуморно протестираме за слобода, правда и еднаквост. Ширум Македонија, десетици илјади граѓани во последниве 55 дена излегоа на улиците, а можеме само да претпоставиме уште колку има кои поради притисок и закани не смеат да протестираат. Наша прва победа е одложувањето на криминалните избори кои требаше да се случат оваа недела. Но, два месеца протестираме и против аболицијата на криминалците од власта. Токму тие криминалци не сакаат мирно да се повлечат и да им се суди за нивните злодела.

Досега им дадовме доволно време! Дојде часот да ставиме крај на оваа криза!

Ве повикуваме сите на 6 јуни (понеделник), во 18 часот пред СЈО, да го најавиме крајот на криминалното владеење во Македонија.

Да бидеме точни, да бидеме бројни и да бидеме гласни! На сите да им кажеме јасно и гласно што бараме! Нашето трпение помина! Нема повеќе изговори и бегање од граѓаните кои речиси два месеца, храбро и истрајно се бореа против овој режим.

Во понеделник соопштуваме бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања. Ја повлекуваме црвената линија! Од понеделник одбројуваме! Кризата траеше доволно долго! Во понеделник, граѓаните ќе кажат како ќе ја надминеме! Нема веќе да не гледаат од шест, но ќе не гледаат секој ден – се посилни. Од 6 јуни веќе ништо нема да биде исто!

Да живее Македонија и сите оние кои веруваат во слобода и демократија!, се вели во прогласот на Шарена Револуција!