Тројца припадници на обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, се повредени во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново Село. Сите се во стабилна здравствена состојба, но ќе останат под лекарски надзор во болница како мерка на претпазливост.
Претседателот Гаши го потврди инцидентот за време на посетата на пратеничките канцеларии во Охрид, нагласувајќи дека тројцата полициски службеници се подложени на неопходни медицински прегледи и се надвор од животна опасност.
„Веднаш ги посетивме во болницата. Докторите потврдија дека нема сериозни повреди, но ќе останат на опсервација за секој случај. Најважно е што сите тројца се во ред,“ изјави Гаши.
Тој ја искористи ситуацијата за да испрати порака до изведувачите на автопатот Кичево-Охрид, повикувајќи на интензивирање на градежните активности. „Ова е уште еден потсетник за сите нас. Лошата состојба на патиштата го загрозува секој граѓанин. Посакувам брзо закрепнување на повредените и апелирам за побезбедна инфраструктура,“ додаде тој.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата се случила околу 10:45 часот, кога возило „Сеат Алтеа“, управувано од полициски службеник и сопственост на Министерството, излетало од патот. Во возилото биле тројца полициски службеници, кои сите се здобиле со полесни повреди.