ЧЛЕНОВИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ПРИЛЕП ПОЧНАА ЈАВНО ДА ГО ДИГААТ ГЛАСОТ : Самохрана мајка обвинува за нерегуларности при распределба на социјалните станови

0
1217

Самохрана мајка на две деца, од Прилеп, без никаков имот, инаку долгогодишен член на ОК на ВМРО ДПМНЕ, реагира и тврди дека распределбата на социјалните станови не е регуларна. Таа е вчудовидена, затоа што е избришана од конечната листа корисници, иако при електронскиот избор, нејзиното име се појавило на прелиминарната листа. Се сомнева дека со силни пријателски врски и интервенции, некој и го зел станот `пред очи`, објави ЦИВИЛ Медиа.

soc-stanovistill002

„Навреме ја поднесов апликацијата во категоријата самохрани мајки, за што според огласот се определени 22, од вкупно 76 станови. Но, еве што се случи. Побарав одговор и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и од Јавното претпријатие за станбен простор, одговор не добив. Сите креваат раце. Дека реално ги исполнувам критериумите, потврди софтверскиот електронски избор, затоа и се најдов на првичната листа. Сега, корисници на станови се лица кои што имаат имоти. Меѓу нив, има случај во кој што двајца сопружници, намерно се разведоа, живеат и натаму во иста куќа, имаат свој спрат од семејна куќа, само за да добијат стан. Тие се на конечна листа, а ние што немаме дом, остануваме и натаму на улица. Меѓу корисниците се многу имотни луѓе, жени кои воопшто не се социјални случаи“, тврди оваа самохрана мајка, инаку долгогодишен член на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

Таа е многу револтирана и тврди дека правдата ќе ја бара на сите начини. Вели, ако биде принудена, ќе отвори многу вистини на виделина и нема да дозволи, нејзините деца и натаму да страдаат и да се селат од една соба во друга, по разни куќи, затоа што немаат сигурен покрив над главите.

soc-stanovistill003

„Одговорам редовно на сите повици за протести од партијата, плаќам и редовно членарина од 200 денари. Некои сега стана членови и не знаат што е партија. Со години се обраќам во Министерството за транспорт и врски, до Министерството за труд и социјала, лично до министерот Миле Јанакиески, праќам дописи, тука до директорот на ЈП за станбен простор, да ми дадат стан, зашто освен овие социјални, што сега ги изградија, во градот во сите станбени населби, секаде има празни државни станови. Најверојатно ги чуваат за свои луѓе…Ако не е така, тогаш зошто нам, на сиромашните граѓани, не ни ги доделуваат?! Многу симптоматично е и тоа што, од 76, Комисијата во Министерството за транспорт и врски, додели сега 73 станови. Зошто тие 3 не се распределени, за кого се наменети?“ , прашуваа оваа револтирана жена.

Вели, задоволна е што е вработена, но со нејзината плата, таа плаќа кирија од 55 евра, а вкупните комунални трошоци во зима, зашто се греат на дрва, достигнуваат и до 10.000 денари. Не и остануваат доволно пари за храна и облека, а не за школување на децата.

“Единствено експремиерот Никола Груевски или неговите служби, одговараа на моите барања сите овие години. Но, неговите препораки да се постапи согласно со законите, никој не ги слушаше, а еве, и сега не се земени предвид. Становите во Прилеп, не се регуларно распределени!“, тврди оваа жена.

Таа инсистира на анономност, затоа што смета дека доколку јавно би говорела, итно ќе добие отказно решение, а потоа, животот ќе и се претвори во вистински пекол.

Со цел да дојдеме во објективна информација за причините, зошто оваа самохрана мајка и неколку други граѓани кои реагираа до редакцијата на ЦИВИЛ Медиа се избришани од конечната листа, кога била на прелинимарната листа на корисници на социјални станови во Прилеп, од ЦИВИЛ побарале одговор од Министерството за труд и социјална политика.

„Доделувањето на социјалните станови е во надлежност на Министерството за транспорт и врски“, посочи портпаролот Марјан Гијовски. Во својот мејл одговор, тој упатува и на соопштние, коешто веќе било објавено како демант, но во други медиуми.

soc-stanovistill004

Од Министерството за транспорт и врски пак, не добиле никаков одговор.

Многу семејства од Прилеп, кои аплицирале за овие социјални станови се чувствуваат целосно обесправени, по објавување на конечната листа корисници. ЦИВИЛ Медиа ќе објави и други стории на оваа тема, како на граѓани кои се избришани од прелиминарната листа, така и на оние кои живеат во исклучително тешки станбени услови, а за кои информација со години имаат надлежните во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.