Конечно, после толку време, највисокото партиско раководство на СДСМ денес ќе ја симне неизвесноста околу името на кандидатот за градоначалник со кој Прилеп ќе излезе на локалните избори.
Во повеќе наврати сум бил дециден по прашањето на личноста која треба да биде кандидат на СДСМ за “татко“ на градот. За последен пат пред одржувањето на изборите, ќе кажам и сега: со должна почит кон сите кандидати кои беа во игра, тврдам дека единствениот од нив кој има шанса да победи во Прилеп, е Жарко Стеваноски!
Нема да ги повторувам сите аргументи кои во изминатите месеци ги кажував како поткрепа на мојот став. Ќе ги спомнам само оние најважните.
Никој ги немаше храброста и знаењето кои ги покажа Жарко во отворената борба против градоначалникот Марјан Ристески и неговото злосторничко здружување, против локалното раководство на ДПМНЕ и повеќемина други експоненти на локалната криминална структура. Три години преку истражувања и правни анализи на работата на локалната самоуправа и јавните претпријатија, преку поднесување 5 кривични пријави против градоначалникот и десетина пријави против разни службени лица од локалната администрација, петнаесетина други пријави кои чекаат ред да стигнат во јавното обвинителство, преку неговото лидерство во Шарената револуција, преку неговото ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ кое стана заштитен знак на борбата за рушење на режимот на Груевски, преку бројните колумни и гостувања во разни медиуми, Жарко го разобличуваше клептоманското владеење на локалната владејачка гарнитура.
И додека некои други викаа “од баџа ура“, тактизираа и чекаа Заев да им ја одработи нивната работа, Жарко не ги штедеше политичките противници, најмалку се штедеше себеси. За време на внатрепартиската кампања која ја водеше на транспарентен, фер, скромен но модерен начин својствен на современите политичари, со ниту еден збор не ги нападна или омаловажи своите сопартијци кои исто така претендираа да ја добијат партиската номинација. Напротив, во секој момент со сиот свој капацитет им се ставаше на располагање и ним, и на локалното партиско раководство.
Тоа што поединци од прилепското раководство против него водеа валкана кампања каква што ниту ДПМНЕ не би водела против него, што ја злоупотребуваа и партијата и своите позиции со намера да го дискредитираат, девалвираат и по секоја цена да го елиминираат од внатрепартиската трка, не им служи на чест ниту ним, ниту на Општинската организација. За жал, поважно им беше да ја остварат таа цел, отколку да се борат против вистинскиот политички противник – Марјан и ВМРО-ДПМНЕ. Идеолозите на сите “подземни“ активности имаат имиња и презимиња кои му се познати и на централното раководство.
Ако сакате да дознаете нешто повеќе за одредена личност, тоа можете да го направите во секој момент. Прашајте ги неговите соседи, прошетајте низ чаршијата да помуабетите со намерниците и случајните минувачи, разговарајте со неговите пријатели, но и непријатели. Од нив ќе ја добиете вистинската слика. Ова го кажувам во контекст на спроведените анкети кои малку кој ги видел, а нема кој не се повикал на нив. Како поборник да се слушне гласот на граѓаните, го поддржувам испитувањето на јавното мислење. Меѓутоа под еден услов: да биде спроведено професионално а не пристрасно и резултатите од него да бидат толкувани од стручни лица. Оти искуството вели дека многу често анкетите се користат како алатка за нечие елиминирање или фаворизирање, во зависност од тоа што сакате да постигнете. Така било отсекогаш.
Повозрасните сигурно се сеќаваат на стариот добар виц за Американецот и Русинот кои се натпреварувале во трка на 100 метра во која на крајот победил Американецот. После завршувањето на трката, американските медиуми ја пренесле следната вест: „Нашиот атлетичар го освои првото место, а Русинот последното“. Веста, пак, на руските медиуми гласела: „Нашиот натпреварувач беше втор , додека Американецот беше претпоследен“.
Практично, и едните и другите ја кажале вистината, меѓутоа секој онака како повеќе им одговара. Впрочем, исто како со често споменуваниот пример со чашата во која до половина има вода, а која за едни е полуполна, а за други полупразна. Игра на зборови, а во суштина спротивставени ставови, видувања и интереси.
Конечно, денес, во ерата на интернетот и социјалните медиуми, многу лесно ќе научите детали за популарноста, стручноста, интелектот и елоквентноста на “испитаникот“. Отворете го неговиот профил, прочитајте ги неговите објави и коментари, видете го бројот на следбеници и лајкови и работите ќе ви станат многу појасни. Во едно сум сигурен: онаква силна, отворена и бројна поддршка каква што Жарко ја има на социјалните мрежи, а која не доаѓа само од прилепчани туку од стотици граѓани од сите краишта на Македонија, нема ниту еден друг потенцијален кандидат за градоначалник во било која општина во државата. Како што реков, ако се сака да се дојде до вистината, можностите за тоа се неограничени.
За крај: резултатите за индивидуалниот придонес, личните квалитети и популарноста на кандидатите кај граѓаните се мерлива категорија. Имајќи го сето тоа во предвид, Заев и Извршниот одбор на партијата не би требало да имаат преголема дилема околу вистинскиот избор. Цврсто сум убеден дека Жарко има и капацитет и потенцијал да му се спротивстави на кандидатот на ДПМНЕ и шанса еднаш засекогаш да го испрати Марјан на ѓубриштето на историјата. Не знам каква ќе биде одлуката на челниците на СДСМ, но знам дека уште еден нов четиригодишен мандат на ДПМНЕ, членовите на прилепските социјалдемократи нема да можат да го “преживеат“. Оттаму, сакам да верувам дека партијата ќе го направи вистинскиот избор, бидејќи секој од нив, секој од нас, носи и лична одговорност за крајниот исход на октомвриските избори. Од неа бегање нема и не смее да има, без разлика на изборниот резултат.
Пишува : Зоран Милошески