Четворица се спогодија за помали плати, осумина новинари заминуваат од Телма

0
1365

Од 12 новинари кои беа прогласени на технолошки вишок во телевизија Телма, раководството и Синдикатот постигнале договор четворица да останат, на пониски позиции и со намалени плати. Другите осуммина до крајот на месецов најверојатно ќе добијат отказно решение.

– Колегите од информативната редакција Соња Николовска, Виолета Зајкова, Јулијана Пешевска ќе останат на работа со нови решенија за работа, како новинари репортери, со оглед на тоа што со новата систематизација која ќе се применува, нивните досегашни работни места како уредници се укинуваат. Кај овие колеги ќе има и одредено намалување на платите, согласно бројот на бодови за конкретното работно место. А Сотир Трајков ќе работи во информативната редакција како репортер за иста плата и со исти обврски како досега, зашто културната редакција се укинува – информира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Сепак, станува збор само за усен договор и се очекува наредната недела ова и правно да се официјализира.

Новинарот Панта Џамбазоски одлучил да не го прифати новото решение за работа и тој ќе остане во процесот за технолошки вишок.

– За жал, менаџментот на куќата не ги прифати аргументите и предлозите на синдикатот за двајца членови на ССНМ, Влатко Змејковски и Бранка Костиќ и не се постигна договор за нивно останување на работа, за кои и покрај нашите заложби, и одвоените средби кои ги имаа со раководството, не се најде заеднички јазик за понатамошен ангажман. На овие двајца колеги синдикатот ќе продолжи да им пружа правна и друг вид помош во иднина доколку биде потребна – објаснуваат од Синдикатот.

ССНМ информира и дека во овој процес немаше мандат и не ги застапуваше другите петмина вработени кои се најдоа на списокот за технолошки вишок, бидејќи не се членови на синдикатот.