Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до припадниците на бошњачката заедница, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
„Горди сме што Бошњачката заедница има свој празник којшто достоинствено се прославува и придонесува за промоција на нејзината историја и на културните традиции кои се составен дел од македонското општество. Соживотот во нашата татковина е резултат на почит, уважување и солидарност. Да не дозволиме овие вредности да бидат загрозени и нарушени, и да продолжиме да работиме на напредокот и на благосостојбата на нашата заедничка татковина. Предизвиците со кои се соочуваме како држава нè тангираат сите и тие не бираат пол, религија, етникум. Сите сме под исто небо“, се вели во честитката. Честитка до припадниците на бошњачката заедница упати и премиерот Христијан Мицкоски.
„Тие се дел од нашето општество и заедничката традиција градена со години. Заедништвото низ децениите покажува дека взаемното почитување и изградбата на меѓусебна доверба се темелите врз кој може и треба да се гради напредокот. Заедно минуваме низ турбулентни времиња и предизвици, но и заедно можеме да победиме за да донесеме подобра иднина.Свесен сум за тешкиот живот, многуте наследени проблеми и за реалните потреби на луѓето и тие се заеднички за сите граѓани, но ве уверувам дека сплотени и со напорна работа, посветено можеме и ќе ја надминеме секоја пречка. Заедно да се избориме за иднина каква сите граѓани заслужуваат. Нека е честит Меѓународниот ден на Бошњаците“, истакна Мицкоски.