ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ БОГОЈАВЛЕНИЕ ХРИСТОВО – ВОДИЦИ, ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВМРО-ДПМНЕ, ПРОФ. Д-Р ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ

0
476

Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани во Република Македонија им го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици. Овој светол ден е симболот на духовното раѓање и како таков не потсетува сите нас на духовните вредности кои мора да ги негуваме и врз кои треба да се надградуваме како поединци. Тоа е патот по кој треба да чекориме, затоа што така ќе придонесеме кон подобра лична иднина, но и посветла иднина на Македонија.

Денес сме соочени со пад на вредносните принципи, особено на полето на политиката и кај оние кои ја практикуваат власта. Сведоци сме дека оние кои што се во највисоките структури на власта се личности на кои ништо не им е свето и кои се водат само од бизнис и материјални интереси. Таквите личности се изворот на криминалот и корупцијата кои ја осиромашуваат Македонија и кои ги прават граѓаните се повеќе апатични и безнадежни.

Целта на овие луѓе во власта е да ја осиромашат Македонија и духовно, да ја убијат надежта на народот и така да владеат со понижен и скршен народ. Но традицијата и историјата на овие простори покажале дека доброто секогаш победувало. Народот секогаш знаел да се издигне и да ги победи сите предизвици и проблеми со сплотеност и заеднички сили, затоа што можел да се обедини околу интересот на државата и на граѓаните. Јас верувам во нескршливиот дух на овој народ, јас верувам дека силата и волјата на граѓаните ќе ја донесат новата надеж за подобра иднина.Нека големиот празник Богојавление – Водици ги обедини граѓаните и нека им даде поголем мотив за борба за подобра иднина. Нека е за многу години! Бог се  јави, навистина се јави!