По повод 24 Јуни, Меѓународниот ден на балканските Египќани, претседателот на СДСМ, Зоран Заев упати честитка до сите граѓани во Македонија кои го одбележуваат овој ден.
„Во името на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во мое лично име, Ви го честитам денешниот ден, значаен за афирмирање на културните достигнувања, традицијата и вредностите на балканските Египќани. Заедницата на балканските Египќани во Македонија дава значителен придонес во развојот на нашето современо општество. Соочени со предизвиците исправени пред Македонија, балканските Египќани даваат придонес и во одбрана на демократските принципи, бидејќи од нив произлегуваат и механизмите на заштитата на правата на помалите етнички заедници во земјава. Со промовирање и поттикнување на универзалните човечки вредности, слободата, правдата, меѓусебното почитување и помагање, заедно допринесуваме за подобрување на односите во нашата заедничка татковина, Република Македонија, за нејзина подобра и сигурна иднина“ се вели во честитката од Заев.