Црната кутија од урнатиот руски авион пред самиот пад забележала необични звуци во пилотската кабина, објави руската агенција Интерфакс.
„Пред исчезнувањето на авионот од екраните на радарите забележани се звуци, што не е вообичаено во текот на нормалните летови“, рекол за агенцијата неименуван извор близок на истрагата во Каиро. Пред тие звуци се водела нормална конверзација меѓу пилотите и контролата на летањето и ништо не упатувало на отстапувања или неправилности во врска со текот на летот.
Американската телевизиска мрежа CBS News претходно објави дека снимките на американски сателит покажале топлински блесок што би можело да произлезе од експлозија на бомба или на моторот на воздухопловот, како и експлозија на горивото во резервоарот.
Но, засега нема докази дека авионот бил соборен со ракета, како што шпекулираа медиуми повикувајќи се на објава на интернет на Исламската држава, чии џихадисти дејствуваат против египетските безбедносни сили.
Претходно истрагата објави дека првите податоци од анализата на црната кутија на авионот „Airbus A321“ на руската воздухопловна компанија „Когалимавиа“ покажале дека екипажот не испратил сигнали за помош.