Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, преку својот твитер-профил ја поздрави одлуката на претседателот Ѓорге Иванов целосно да ја поништи аболицијата на сите 56 политичари и нивни соработници и ги повика лидерите на партиите потписнички на Договорот од Пржино да се вратат назад на преговарачката маса.
„Поранешна Југословенска Република Македонија: Добредојдена одлуката на претседателот Иванов конечно да ги повлече сите помилувања. Ова овозможува правдата повторно да продолжи со својот тек и Специјалното јавно обвинителство да продолжи со важната работа. Премногу време се изгуби во последната година. Политичките лидери мора да се вратат назад на маса и да обезбедат целосна имплементација на нивниот Договор од Пржино, вклучувајќи ги и реформските приоритети“, напиша на својот твитер профил Јоханес Хан.
Former Yugoslav Republic of #Macedonia: Welcome President #Ivanov‘s decision to finally rescind all pardons. 1/3
— Johannes Hahn (@JHahnEU) June 6, 2016