Хајката против невладините води до поголема криза

0
498

Груевски ја продолжува битката против неистомислениците и сака да ја истера до крај, велат од невладините, финансирани од Сорос. Тие реагираат по интервјуто на порашениот премиер кој го обвинува граѓанскиот сектор за корупција. Ваквото етикетирање ја турка Македонија во поголема криза, пишува Радио Слободна Европа.

Хајката против прогресивното граѓанско општество од страна на ВМРО-ДПМНЕ не престанува, туку се интензивира, реагираат дел од невладините организации, финансирани од Сорос, на интервјуто на Никола Груевски за порталот Република. Во интервјуто тој вели дека институциите на американскиот милијардер Џорџ Сорос се против партијата и меѓу другото ја обвинува мрежата на Сорос за директна корупција на новинари, интелектуалци и активисти.

Директорката на Фондацијата отворено општество Фани Каранфилова Пановска, вели дека Груевски докажува дека битката со неистомислениците продолжува и сака да ја истера до крај.

„Фондацијата Отворено општество Македонија останува и натаму посветена на принципите и вредностите на отвореното општество кои пред сè подразбираат поддршка на силно, професионално, сплотено и гласно граѓанско општество кое ќе се бори за човековите права и слободи, за слободата на говорот, за отчетни и одговорни власти и ќе се бори со корупцијата и со секоја следна власт која ќе се обиде да ги зароби институциите на државата”, изјави Пановска.

На обвинувањата на Груевски реагира и извршниот директор на Центарот за европско образование Бојан Маричиќ. Тој вели дека Груевски продолжува во автократски манир да го третира граѓанскиот сектор, вели Маричиќ.

„Всушност, критикувајќи и навредувајќи го граѓанското општество Груевски ја истакнува својата автократска природа и вечната потрага по внатрешен и надворешен непријател. Ако 2011 тоа беше А1 телевизија, 2014 тоа беа странски служби и Заев, сега тоа се соросоидите и сите граѓански организации кои сите овие години ги истакнуваа слабостите на неговата власт и сето тоа го правеа на објективен начин, покажувајќи граѓански активизам и информирање на граѓаните за се што се случува,“ изјави Маричиќ.

Тврдењата на Груевски дека принципите на отвореното општество не се согласуваат со десницата, а се „во љубов“ со партиите на левицата се неточни и манипулативни, вели Пановска, според која, истите тие принципи се загрозени секогаш кога се на власт лидери или партии кои владеат на корумпиран и криминален начин и шират национализам, хомофобија и не се за мултиетничко општество.