Хари Локвенец: Нема да дозволиме Мијалков да ја напише пресудата за „Трезор“!

0
994

Однапред напишани и нарачани пресуди се веќе минато во Македонија. Пресудата за „Трезор“ мора да биде правно издржана. Правда ќе има, секој што го прекршил законот ќе одговара, вели во интервју за Стандард.мк., Хари Локвенец, пратеник од СДСМ и претседател на Комисијата која врши надзор над работата на УБК.

Се погласно се зборува дека во случајот „Трезор“ наводно се работи за набавка на еден од најмалициозните шпионски софтвери ФинФишер набавен од британска „Гама“. Зошто според Вас УБК се решиле да ја набават токму оваа опрема?

-Дали токму ФинФишер е предмет на оваа набавка официјално не знаеме. Но, во јавноста се проширија информации дека Македонија го има набавено. Споделувам податок кој е објавен на интернет порталот на Citizen Group, проект во рамките на Универзитетот во Торонто. Ако ги прочитате карактеристиките или перформансите на оваа опрема, со право ќе се постави прашањето за оправданоста. Дополнително што било каква оправданост мора да биде поткрепена и со законска поддршка во соодветните закони. Ова е обемно прашање и јавноста мора да ги добие сите одговори.

Клучното според мене е во колкав обем оваа опрема била користена, или за чии цели била злоупотребувана? Вистината за Македонија откри дека користењето на опремата за следење на електронските комуникации се правела исклучиво за политички и криминални интереси спротивно на законот како и за контрола не само врз политичките неистомисленици, туку и за дисциплинирање на партиските колеги кои ќе се обидат да се спротистават. За ваквиот начин на однесување на поединци во врвот на ВМРО-ДПМНЕ мора да следат санкции согласно законите во земјава. Граѓаните да ги ослободиме од овие стеги и да се посветиме на подобрување на нивниот животен стандард.

На судиите треба да им биде јасно дека сопките за СЈО се погубни за иднината на Македонија, а се единствено во интерес на криминалците од фамилијата

Очекувате ли судот да продолжи да му поставува сопки на СЈО за „Трезор“ и да го брани добиениот надимак „сваровски судство“?

-Од судиите од „тефтерчето“ и „сваровски судиите“ не можете да очекувате разумни одлуки кои се донесени согласно законите и правилата. Но, се надевам дека во судовите има судии кои сакаат да и помогнат на правдатата и да пресудат во име на вистината. И за тоа не треба храброст, треба само неселективно читање и доследна примена на законите во Република Македонија. На судиите треба да им биде јасно дека сопките за СЈО се погубни за иднината на Македонија, а се единствено во интерес на криминалците од фамилијата. Македонија ќе се врати на вистинскиот пат, на правдата, правичноста и вистината.

Мијалков рече дека „сите политички инсинуации на СЈО ќе се докажат во соодветна постапка, велејќи дека сите наводи на Специјалното обвинителство се измислени. Дали преку оваа изјава екс-шефот на УБК сака да укаже дека пресудата за „Трезор“ од страна на контролираното судство е однапред позната?

-За 8-те години колку што беше директор на УБК, неговиот глас не го чувме во јавноста. Го чувме откако беа обелоденети снимките од „Вистината за Македонија“ и го видовме вистинското лице. Мијалков ниту еднаш не се појави на седница на Комисијата за надзор над работата на УБК и тоа доволно зборува за неговиот однос кон државните институции. Свесни за начинот на кој фамилијата ја контролираше државата изминатите 10 години, лесно е да се поверува дека пресудата е веќе напишана. Но убеден сум дека тоа нема да се случи. Однапред напишани и нарачани пресуди се веќе минато во Македонија. Пресудата за овој случај мора да биде правно издржана. Правда ќе има, секој што го прекршил законот ќе одговара.

Со години наназад се зборува дека треба да се подобри контролата од страна на собраниската комисија врз УБК. Дали според Вас истрагите што ги отвори СЈО покажуваат дека тоа е неопходно и како да се изведе?

-Јас изминатиов период неколку пати укажував на неопходноста од суштински надзор над работењето на УБК и АР. Власта понуди само сликање и протоколарни посети. Пратениците од опозицијата инсистираат да има експертско зајакнување на оваа комисија, власта тврди дека нив помош не им треба, сé знаат околу присклушкувањето. Верувам дека знаат како се злоупотребува опремата за прислушкување, ама нашата намера е тоа да се спречи. Е тоа не го знаат. Модели за контрола има и затоа во програмата на СДСМ, во Планот за Македонија, ова е едно од прашањата на кое ќе му посветиме внимание и ќе спроведеме реална и одржлива реформа на службите. Нашата цел и заложба е ваквата злоупотреба никогаш да не се повтори. Граѓаните да живеат во слободна и демократска држава во којашто ќе се зборува за повисок животен стандард, за просечна плата од 30 илјади денари, за бесплатно болничко лекување.

Имате ли информации за постоење на опрема за прислушување надвор од УБК и можат ли да бидат сигурни граѓаните дека и сега не се прислушувани?

-Шпекулации има, но за жал ние како комисија немаме механизам тоа да го провериме. Институциите се партизирани до таа мера што ова прашање воопшто и не го отвараат како можност. Тоа мора да се промени и ќе се промени. Не смееме кон вакви прашања да бидеме незаинтересирани, затоа што неконтролираното ширење на опремата за прислушкување сериозно може да ја загрози безбедноста и сигурноста на граѓаните во Македонија. Секој човек е важен и мора да се грижиме за секој граѓанин, за секој поединец.

(И.К./Стандард.мк)