ФУНКЦИОНЕРИ НА ЛЕВИЦА СО ЕТИКЕТИ, ГОВОР НА ОМРАЗА И ЗАКАНИ ЗА СТАВАЊЕ НА ,,СПИСОК” КОН НОВИНАРОТ ПОПЕТРЕВСКИ

0
1316

Познатиот новинар Васко Попетревски е заокружен со црвена боја во објава на фотографија на пост на организацијата Ленка блиска до партијата Левица, затоа што разговарал со политичарка (што му е работа), а таа е пак опишана како „сороспијката“ – што е класичен сексистички говор на омраза. ­­Сексистичкиот и политички говор на омраза кон поранешната министерка и етикетирањето и нападот врз новинарот се зајакнати со споделување на објавата од страна на лидерот на „Левица“ и пратеник Димитар Апасиев, на неговата официјална фејсбук страница, со над 70 илјади следбеници.

Говорот на омраза на постот на Апасиев продолжува не само со дехуманизирачкиот хаштаг „#ГнидаКвислиншка“, туку и со заканувачки коментар од Дарко Масларковски, висок функционер на партијата и  советник на Левица во Општина Аеродром:

„Профа овој не знам дали од претходно беше на СПИСОК го додадов у секој случај да не го изумиме“.

Лидерот на Левица продолжува со праксата да етикетира новинари како „соросписки новинари“ и со говор на омраза кон новинари-неистомисленици. Заканувачкото заокружување на новинари заради нивни ставови, и закани со ставање на списоци на новинари и јавни личности не враќа во најцрните денови од владеењето на претходниот режим, кога Македонија речиси го допре дното на слободата на изразување и слободата на печатот.

И ова не е единствена објава на „политичката организација“ Ленка во која се етикетираат и напаѓаат новинари заради нивни објавени ставови. Ниту е единствена објава во која „Ленка“ заокружува лица на фотографија – на пример, истиот ден „Ленка“ објавила осудувачка фотографија со заокружено лице на протест на ВМРО-ДПМНЕ затоа што носело знаме на ЕУ, опишана како „џелатот на македонската држава“.

Институтот за медуми и аналитика ИМА јавно го осудува говорот на омраза и етикетирањето на новинари од страна на политичари и ги потсетува државни институции дека имаат обврска да ги заштитат новинарите од закани и говор на омраза, вклучително и на социјалните мрежи.