Фрчко не го пушта францускиот клуч, во најновата колумна под наслов ,,Само напред и никогаш роб” предлага расштимување и отстранување на неколку споменици

0
2419

Во општото претрчување и пелтечење за реформите кои претстојат, за тежината која тие наводно ја носеле, за жалта за новите реформатори „што се тие треба да претргаат“ без пари и без „поддршка“ всушност се заборава што всушност треба да се стори! Што е тоа толку тешко или страшно за што треба поддршка или многу пари и на тоа слично?

Мојата теза драги мои е дека, всушност, ни треба критична маса, знаење и реформска волја, се друго ќе биде полесно и за се друго „пари ќе се најдат“ и во оваа сиромаштија. Но, реформска волја заснована на еманципаторска политика и солидарност МОРА ДА ИМА и таа е основа за се што се чини. Значи, да скратиме, што треба владата наша насушна да направи според нашето скромно мислење (бидејќи од „партиските идеолози“ ако чекате да кажат нешто и да се изложат со јасна теза сега и овде, ќе се излажете гадно и по стоти пат)?

Прво, без претензии да ги исцрпам сите можности, се разлачуваат јасно две ленти на реформски од: едната е побрза, да не кажам итна и не бара којзнае какви буџетски интервенции, бара солидарност и храброст, а другата е подолгорочна, го опфаќа Прибе извештајот и серија од негов ранг реформи кои ни се неопходни за потемелна промена и стабилизирање на системот на мултикултурна демократија и владеење на правото. Во третата група би ги издвоил, драги мои, класичниот левичарски пакет промени, често восприемани како контроверзни и со тоа одложувани, кои нас ќе ни се наметнат како неопходни, за кои е потребна идеологија на ослободување и секако храброст и кои се дел од принципиелната коалиција на социјалните движења и партиската левица во предизборјето и борбата за слобода.

Од разбирливи причини на моја некомпетентност нема да ги расправам реформите во економијата кои ги оставам на експертите во областа.

Во првата група на итни закони, мерки или потези ги сместувам следните:

– укинување на екстерното (веќе сторено);

-итно отстранување на неколку споменици и фасади од проектот Скопје-2014 (Александар и Филип не се наши национални симболи, да не зборувам за Ќосето пред Судска палата, фасадите на  Владата, Нама и новионт брутализам на дел од Поштата)

– законски промени за изнаоѓање решение за барањата на лицата со посебни потреби (кои демонстрираат оправдано)

– решавање на проблемот со 5.000-10.000 стечајци стар десетици години;

– решавање на раселените лица (750) од конфликтот од 2001 (главно македонски семејства);

– Закон за поништување на Законот за лустрација (отворање на можностите за оштетни побарувања и кривична одговорност на Томе Аџиев и др.);

– Смена на обвинителите

– Чистење на МВР од врските со криминалното подземје (нова систематизација и бркање на лицата со лажни дипломи од МВР);

– Усвојување на трите закони што ги бара СЈО, за да се отвори појасна постапка за веќе отворените случаи од голем досег);

– Да се обмисли амнестија на затвореници (политички прогонети, монтирани процеси или осудени за полесни кривични дела, што пригоди на нова власт од суштествен карактер).

Вториот потемелен проект кој почнува веднаш, но трае подолго се состои од :

  • Реизбор на судиите (комплексен проект со учество на странци, некои модели од соседството се корисни. Она што е важно е да се изберат судии на начин што ќе ги стабилизира од коментари дека биле „нивни“, а сега се „наши“, а тоа учеството на странци во изборот може да обезбеди);
  • Општа де-пенализација или намалување на казните во сета палета на закони од сообраќајните до образованието (комплексен проект на општо ново ребалансирање, кое треба да ја замени политиката на закани и арач воведена преку енормноста на казните од диктатурата);
  • Разрешување конечно на оној врзан јазол на злоупотреби поврзани си УБК во МВР (декомпонирање на таа криминална потенција во нормална организација пригодна за нас, посебно преку монструмот на прислушувањето);
  • Нов Закон за Високо образование (проектот е веќе направен од експертска група на Професорскиот пленум и е добро базиран врз основните принципи на автономија и финансиска автономија);
  • Укинување на државно-партиските паразитски мрежи на факултети во „секое село“ кое го урнаа квалитетот и финансиски ги исцицаа високото образование;
  • Нови курикулуми и учебници во областите на Историјата и граѓанското образование (сегашните се оптоварени со лажни историски проекции и извитоперен однос на либералните, индивидуални права на граѓаните и национализмот и колективизмот на диктатурата);
  • Заострување на одредбите на заштита од дискриминација, говор на омраза и дела од омраза (нов закон е скоро готов кој ќе не ослободи од онаа националистичка и расистичка багра која ја окупира Комисијата за борба против Дискриминацијата и го извитопери законот) и.т.н.
  • Ослободување на медиумите (процес на само нужна, стандардна регулација и општа регулација и ослободување на медиумите и слободата на говор која ја обезбедуваат;

Во третата група ги лоцирам левичарскиот пакет (политички-еманципаторски закони и проекти) на кои дел од партиската левица „суче брк“ или „овиснува  брк“ како сакате, но кои нема да им избегаат сега под изговор за „незгодно е, почекајте, сега не било време и сл“. Тоа е дел на принципиелниот „договор“ помеѓу социјалното движење на „Шарената револуција“ и партиската левица за рушење на режимот, кој конечно успеа ! Во него предвидувам:

  • Нов закон за абортусот (со негова либерализација и насоченост кон здравјето и телото на жената и контролата врз него на неа исклучиво);
  • Нов закон за заштита од дискриминација ;
  • Нови КЗ одредби за заштита и пенализација на говор на омраза и дела од омраза;
  • Заштита и поддршка на ранливи категории лица : самохрани мајки, лица со посебни потреби, ЛГБТ лица (опција за „граѓански партнерства треба да биде отворена“), Сексуални работнички (чија работа треба да се регулира и заштити, а не подложува единствено на полициски прогон и злоупотреби ) ;
  • Либерализација на затворските режими со строга транспарентност на репресивните техники и режимите на задолжителни лекарски третмани на лица со ментални тешкотии;
  • Депенализација на лесни дроги и легализација на употребата на марихуаната.

Тако је „браќо на левици“! Нема заебанција и нема одлагање. Се ќе им набутаме кај што треба и колку треба. Или ќе се ослободиме или не, што значи: Само напред и никогаш роб!

Љубомир Д. Фрчкоски

Извор : Либертас