ФРЧКО НАЦИОНАЛЕ УДРИ ЖЕСТОКО ПО КАЛАЈЏИЕВ, КАРАКАМИШЕВА, СИЉАНОВСКА, ТУПАНЧЕВСКИ: Јустинијана во сто пози!!!

0
1560

Во политичкиот судир на јавната предизборна сцена во Македонија околу законот за Јавно Обвинителство не се работи воопшто за експертски дилеми и недоречености, туку за крупна политичка одлука која треба да се донесе. Соодветно решение во законот, кое ќе се однесува директно на основното политичко прашање за секоја демократија: дали во нејзините основи ќе има елементарна правда или ќе се обидеме да создаваме симулакрум на општество кое недвосмислено ќе се урне пред ѕидините на ЕУ проширувањето. Затоа овој закон поврзан со ова прашање стана толку важен.

Да појасниме: основниот текст на законот е во 80% усогласен со стандарди во областа кои не се доведуваат во прашање. Опциите кои се нудат за тие 20% се и тие еднакво „експертски”. Секогаш ќе најдете експерти кои стручно ќе ги поткрепат и едните и други опции кои се во пракса кај демократските земји и тоа исто така не е спорно. Тука нема судир меѓу неекпертско со експертско мислење туку меѓу едно и друго експертско стојалиште кои еднакво можат да се бранат.

Дилемата која е појавена дека експерти треба да го прават законот за да биде прифатен е политичка измама која треба под „експертско“ да го протне политичкиот интерес на една од страните.

Кои се тие различни политички интереси кои се во судир и се обидуваат да се покријат со тенкото експертско чергиче на опустошениот Јустијан Први ?

ДПМНЕ има интерес преку законот за ЈО да ги прекине истрагите за криминалот и аферата со прислушувањето кои ги разнишаа темелите на државата, ја сторија балканско дувло и диктатура од која не можеше да се излезе без странска помош (Пржинскиот процес) чиј суштествен дел се токму прогонот и осудата на тој криминал. Легитимитетот на демократска Македонија после тој процес е суштествено поврзан со судењето на тој криминал во периодот на авторитарниот режим. Глуп коментар би бил „ама и секој друг криминал“? Па секако бре и секој друг криминал кој денес и во иднина би бил сторен, тоа е белким основна премиса и на пржинскиот процес, а и на секоја нормална демократија. Но имањето правда за прислушувањето и опустошувањето на државата е основа на која се гради сè понатаму, има, така да кажам, конститутивно значење. Тој недемократски и, ако сакате, антимакедонски интерес ДПМНЕ се обидува да го спакува како запржено дно на целофан, фолија во кој се спакувани бројните масни буреци на забелешки и коментари на законот. При тоа користејќи го избилството експертутки од Јустинијан како обнажнена група за пригодни правни оргии. Тие пак намирисале можност ДПМНЕ да победи на изборите и сега секое свое длабокомислено молчење (временската отсечка работи против нас…) и незнаење го засилуваат до хорско крекетање и фаќање позиции.

Зад оваа наша вернакуларна, односно во основа тупаџиска дебата во суштина се крие едно политолошко посуштествено прашање (кое нашиве експерти секако не го познаваат): имено, зошто научното, филозофското или експертското мислење и говор, ако сакате не се исти со политичкиот говор и цели и не можат едни со други да се заменат и да почне да тече мед и млеко во државата? И зошто таа политолошка абецеда е јасна секому, но не и нам, а датира од Макијавели, преку Хобс, Лок и Медисон, до денес? Научниот говор, соодветно филозофскиот, а попрагматично експертското мислење  е различно од, условно да го наречеме, граѓанското говорење (Хобс) и политичкиот говор со тоа што се двои од неговите значења па и јазик (бидувајќи често и езотерично) обидувајќи се да направи продор во новото и неоткриеното. Тој создава (Хајдегер) и свој говор обидувајќи се да го промени ракурсот на гледање на стварноста кој одразува статус-кво, да го измени и создаде нова теза. Научниот говор не прави компромиси со она што го дефинира како вистина или посегање по вистината и тоа е негова суштествена вредност, затоа постои. Политичкиот говор има друга цел и инструментариум, има друга вистина! Негова цел е постигнување општо добро во смисла на мир, сигурност, демократија, владеење на правото и сл. Тоа се неговите вистини, а компромисот е негов инструментариум. Во науката научната чесност е критериум во политиката одговорноста! Водење научна дебата и носење политичка одлука е РАЗЛИЧЕН БИЗНИС! Хобс вели дека е тоа различен степен и вид на уметнички акт (Левијатан 45). Политичкиот говор и одлуки можат да користат стручни стандарди и методи (номотехника) на конципирање закони, но некои нивни живи јадра, клучни вредносни насоки или решенија мора да ги донесат со свест дека одлучуваат за вредности кои ќе обединат, обезбедат прогрес и благосостоба на граѓанството, а не се водат од други ригори и соображенија. За тоа да го обезбеди политиката користи политичка моќ за која е одговорна (Хобс).

Што е овде нејасно, по ѓаволите? Зошто е ова нејасно за обнашнените екпертутки? За политичарот Мицкоски ми е јасно претпоставувам: не може да го избори отворено принципот на неказнивост за себе и своите и му се наместија ”неговите експертутки“: Јустинијана у 100 пози” тие да го направеле истото наместо него и да го завиеле во споменатитот загорен целофан мрсното експертско бурече.

Љубомир Д. Фрчкоски