Македонија нема институции, тие се комплетно поткопани од партизираната власт, оценува професор Љубомир Фрчкоски во интервју за Дојче веле. Според него, голем проект во наредните 5 до 10 години ќе биде нова реинституционализација на државата.
ДВ: Наместо да биде амбициозен витален 25-годишник, Македонија денес повеќе наликува на истрошен старец, длабоко потонат во своите проблеми. Сметате ли дека изборите тука нешто ќе променат?
Љубомир Фрчкоски: Да не се надеваме премногу, да не спаѓаме во оние таканаречени изборни фундаменталисти, но изборите се неизбежни. Тоа е сепак инструмент кој не може да се прескокне. Меѓутоа, многу е важно да не му се придава преголемо значење, бидејќи современите диктатури, во кои спаѓа и македонскиот авторитарен популизам, го совладал проблемот на изборите во демократијата, ги окупирал изборните инструментариуми на државната власт и на пропагандата, медиумите, и за нив изборите не се проблем. Како што се покажа во досегашните циклуси, тие ги совладуваат изборите, ги крадат во еден значаен дел и никогаш не можат да бидат на тој инструментален начин поразени. Освен, ако целиот тој инструментариум не им се ископа од рацете и се постави на една нормална, мониторинг, отворена база под меѓународен мониторинг, што кај нас, за среќа, во овој период се случува. Само тогаш изборите ќе исфункционираат како што треба. Инаку, досега тие функционираа во засилување на диктатурата, а не во алтернативни проекти за промена. И, уште нешто: изборите кај диктатурите, со оглед на тоа што структурата на политичкото е променета, тие ја менуваат, се обидуваат да го укинат нормалниот антагонизам меѓу политичките партии и политичката боба да ја преместат. Значи, нема контроверзност, нема судир внатре во телото на нацијата, меѓу левица, десница, центар и граѓанското тело, туку диктатурите судирот по „карлшмитовски“ манир го префрлуваат на границата – органското тело на Македонците против своите непријатели: од надвор, шпиони од внатре и.т.н. Тие го деформираат политичкото во демократијата и затоа изборите потоа не функционираат. Изборите едноставно треба да ја потврдат партијата која ги брани, која е претставник на ова т.н. органско единство на нацијата. Тоа е проблемот со диктатурите. Изборите не им се проблем на современите диктатури. Нашиот проблем е како да го пробиеме тој затворен круг: со еве ваков начин на создавање паралелни институции, голем меѓународен мониторинг, кривични пријави за мафијашката структура на власт за да може да биде задоволена правдата. И, сето тоа сума сумарум со надеж дека тоа ќе се реализира на изборите со промена на власта.
Пораките од Европа велат: да се остави СЈО да си ја врши непречено работата. Како Вие гледате на сите перипетии околу оценувањето на уставноста на СЈО?
Па знаете што, тука се работи за проценка на живот и смрт, би рекол. Дали политичката елита на оваа мала, како што ние ја нарекуваме „мафијашка фамилија“ во владејачката македонска партија пред сѐ, е доволно силна и дрска да направи тагов потег во обид за свое спасување? Моја проценка е дека тие немаат таква позиција и сила. Македонија е сепак мала држава под силен мониторинг. Тие се преслаби во таа смисла, за да можат да направат таков судир со светската јавност, со конкретните меѓународни инсталации во Македонија, а тоа се Американците и ЕУ.
Македонија и по четврт век независност не е стигната до своите цели – членство во ЕУ и НАТО. Од страна на власта спорот за името радо се потенцира како главна пречка за евроинтеграциите. Како Вие гледате на тоа и има ли надеж за прекин на летот во место?
Па, спорот за името е голем проблем, меѓутоа сега ние, во овој случај, имаме друг голем проблем, уште поголем од него, а тоа е нашата диктатура, нашиот проблем со демократијата. Значи сега, кога одите надвор, никој не го споменува проблемот со името, туку споменува дека земјата има проблем со елементарните Копенхашки критериуми за прием во НАТО и ЕУ. Тоа е владеење на правото, одвоеност на властите, независност на судството, почитување на човековите права, слобода на информирање. Значи, оваа диктатура ни направи ние да имаме далеку поголем проблем. Тоа е големата штета, големиот чекор назад на Македонија. Дали ќе успееме тоа да го компензираме? Ако се смени власта, тогаш во еден забрзан проект ќе бидат компензирани сите тие негативности. Што се однесува до името, мислам дека до изборите нема големи шанси да се расправа за тоа, меѓутоа потоа тој пакет, кој имам впечаток дека веќе во најголем дел е некако договорен и е прифатлив, одржлив, ќе биде ставен на маса и со Господ напред, ако има голем меѓународен притисок, пред сѐ Германија, од ЕУ и од САД, тоа прашање може да се реши во еден разумен период по изборите и Македонија едноставно веќе да се ослободи од тој тип на багаж.
Дали македонското општество има здраво ткиво и сила да направи радикална промена, која ќе донесе подобро време?
Па ние немаме големи алтернативи. Ние тоа мора да го направиме. Така што јас сум оптимист во таа смисла, иако тоа општество е бавно, илиберално, не се бори толку жестоко за своите права кога му ги газат, голем дел од гласачкото тело е подготвено да верува во фантазии, во лажни сеќавања за минатото, да биде инфериорно кон сопствениот идентитет на Македонец. Знаете, сето тоа се илиберални искуства на една земја која немала демократска традиција. Меѓутоа, наспроти сѐ се развива граѓански сектор на борба и самосвест. Правило во политиката е: десет години диктатура – десет години обнова. Значи, ќе имаме долг период на културна „девмровизација“, односно повторно застанување на граѓанскиот концепт и пред сѐ и над сѐ – враќање на институциите. Ние денес немаме институции во државата, тие се комплетно поткопани од една партизирана власт, целосно се корумпирани и заглавени во клиентелистички систем, така што ние практично немаме институции. Новата реинституционализација на Македонија ќе биде всушност голем проект во следната петолетка, а можеби и деценија.
Сметате ли дека ако овој разговор го водиме повторно за 10 години, ќе може да се констатира дека проектот е завршен?
Јас мислам дека во период брзо потоа ќе влеземе во НАТО, а ЕУ е процес кој можеме да го почекаме. Но, НАТО за нас е многу важен. Мислам дека тоа ќе го завршиме и со тоа ќе се отвори нова етапа на македонската демократија. За жал, вратени назад неколку чекори, ќе мора тоа да го правиме одново, но веројатно тоа е цена која ја плаќате за сопствената граѓанска ситуација и искуство.
Проф. д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски е професор по меѓународно право и меѓународни односи на Правниот факултет на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје и поранешен министер за внатрешни и за надворешни работи на РМ