ФРОДЕМ: За МПЦ и за синдикатот сѐ е мед и млеко

0
435

„ФРОДЕМ уште еднаш на граѓаните им го честита Велигден и Први мај, денот на трудот! ФРОДЕМ се воздржа од коментирање на состојбите за време на двата празника. Очекуваше од Македонската православна црква конечно да се обрати до верниците и граѓаните за тешката криза во која се наоѓа поделеното македонско општестсво. Од државниот синдикат не очекувавме ништо посебно, но запрепастувачки е што со ниедна порака не се обрати до работниците, ниту пак нешто побара од власта! Се е мед и мелеко..

Тешката криза во која се наоѓа Македонија не е од вчера. Таа започна во 2008 гдина. Од тогаш, со секој нов месец и година имаме морбидно растење на авторитарен режим кој ја суспендира демократијата, кој владее со сила и кој секојдневно не презадолжува! Земјата е поделена и малку фали да има братоубиствени судири. Раководството на МПЦ сето ова го гледа и молчи. Јавно ја прашуваме МПЦ уште колку кризни години треба да поминат за да се произнесе што е добро, а што е лошо во општеството! Црквата е одвоена од државата, но не е одвоена од народот и верниците! Дали имаме право да го знаеме ставот на МПЦ за тешката општествена криза? И како заедно да излеземе од кризата. Дали конечно Црквата треба, сите нас, непосредно да не поттикне да бидеме подобри!? Со добри мисли и дела. Или можеби смета дека се е однапред предодредено!? Дали можеби верниците треба само директно да се обраќаат кон Бога, ако тие што проповедаат за Бога молчат! Наша морална  обврска е да прашаме и потсетиме. Дали ќе добиеме одговор не е важно, оти единствениот исправен одговор можат да бидат добрите дела! По тоа ќе се препознаеме.

По повод меѓународниот Ден на трудот, ФРОДЕМ изразува револт за огромниот пад на работничките права и животниот стандард. Стотици илјади граѓани се иселија односно побегнаа во странство во потрага по работа и елементарно пристоен живот. Најголемиот дел од вработените земаат минимална плата со која едвај се преживува. Сиромаштијата е огромна, изнесува 30%. Работниците работат во многу тешки услови и нема кому да се пожалат. Ако тоа го сторат ги бркаат од работа. Станаа современи робови Јавно го прашуваме државниот синдикат што прави за да биде подобро?. Зошто молчи, зошто се крие по удобните синдикални канцеларии? Како нема грижа на совеста, за високите плати на синдикалките функционери, а работниците едвај врзуваат крај со крај!

Во ова време-невреме молчењето и гледањето на сопствениот интерес е најголем грев. Сите тие кои очекуваат дека некој друг ќе ги реши наталожените проблеми се во голема заблуда. Тие што мислат дека проблемите сами од себе се решаваат се толку наивни, колку и лицемерни. Знаат дека е така, а ништо не прават. Затоа не треба да се жалат кога проблемите директно ќе тропнат и нивната врата. А на огромен број врати веќе тропнаа.

ФРОДЕМ потсетува и порачува дека секогаш кога во историјата Македонците чекале некој друг да им ги решава маките, од проблемите во секојдневната живеачка па се до државноста, секогаш доцнеле и плаќале огромна цена. Или сме биле мобилизирани во туѓи војски да се бориме на туѓи фронтови и интереси, или сме биле поделени и немоќно сме дозволувале туѓи раководства во наше име да не раководат.  Денес, пасивноста прескапо ја плаќаме со полнење туѓи банкарски конта и правење туѓи кејфови. Парадоксално, народот е повторно поделен. Ова потсетува на лошите моменти од нашата историја.

Режимот треба да одговори зошто го подели народот!? Треба да одговори уште колку време финансиски ќе издржи земјата! ФРОДЕМ предупредува дека сите треба да бидеме свесни дека ова заедничко морално и материјално осиромашување и паѓање не носи кон дното, снемува елементарен ред и поредок, снемуваат пари, а ќе снема еден ден и за пензии. Ќе снема иднина“, соопштуваат од ФРОДЕМ – Фронт за демократска Македонија.