(ФОТО) Невремето во тетовско предизвика ерозија на земјиштето и блокираше неколку патни правци

0
865

Големи врнежи од дожд попладнево предизвикаа неколку свлечишта и блокираа два патни правци. Затрупан беше патот на влезот од Шипковица кој доцна попладнево е расчистен и патниот правец на излезот од Шипковица кој води кон селата Бродец и Вешала кој се уште е блокиран со наноси од камења и земја. Се работи на негово расчистување, јавува „Мета“.

-Градежната механизација е на терен. Овде ќе се работи во текот на цела ноќ, се надеваме дека утре овој пат ќе биде пробиен – изјави Исен Џемаили од кризниот штаб Тетово, формиран денеска.

Од ерозијата на земјата отштетени се неколку помали улици и сокаци во шарпланинските села. Жртви и повредени нема, ниту материјална штета на домовите. Но стравот од поголема катастрофа е присутен кај жителите

– Кога почна невремето ние бевме дома со семејството. Колку што можевме исчистивме, штета нема многу, но стравот од катастрофа слична на минатогодишната е голем – изјави жител на Шипковица.

Од кризниот штаб информираат дека катастрофите можат да бидат поголеми од минатогодишните поплави, ако продолжат врнежите од дожд, кои можат да предизвикаат големи свлечишта на земја помеѓу селата Шипковица и Бордец каде има карпи, камења и земја.

Од Општина Тетово велат дека состојбата на локална оска на патот Шипковица – Бродец е под контрола. Апелираат додека трае чистењето жителите да не го користат овој пат, туку алтернативните патни правци.

Исто така во село Голема Речица, врнежите од дожд го зголемија нивото на реката, но во моментот ситуацијата е под контрола и нема поплави или оштетувања на имотите на граѓаните. Оперативните екипи се на терен, каде што се во постојан контакт со локалните жители.

Според предвидувањата на Центарот на хидрометеоролошки прогнози,и во наредните денови, се очекуваат значителни врнежи од дожд,

Во минатогодишните поплави во тетовско загинаа шест лица, беа оштетени и стотина домови.