(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Градоначалникот Јованоски и заменикот министер Павлески извршија увид во спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот

0
138

„Не само нашата држава, туку најголемиот дел од светот е соочен со пандемијата со коронавирусот. Владата презема низа на мерки и постојано испраќа препораки до граѓаните да се придржуваат до нив, со цел да ја добиеме оваа ‘војна’ против невидливиот непријател“, изјави замениот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески за време на денешната посета на Прилеп.

Павлески рече дека заедно со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, вршат увид на дел од активностите кои локалната самоуправа ги презема во справувањето со коронавирусот.

 „Општината е доста спремна и досега успешно се справува со овие предизвици. Во овие моменти, исклучително важна е соработката помеѓу сите институции, помеѓу Владата и локалната самоуправа, при што се покажа дека улогата на локалната самоуправа е од исклучително значење. Генерално, општините вршат дезинфекција на јавните површини и на јавните установи. Во координација со Црвениот крст им се помага на старите лица и на оние на кои помошта во овие моменти им е најнеопходна. Сакам да упатам порака до граѓаните, дека доколку максимално ги почитуваме препораките на Владата и на Министерството за здравство, побрзо ќе излеземе од оваа кризна состојба“, изјави заменикот министер Павлески.

Градоначалникот Јованоски истакна дека Општинскиот кризен штаб е во перманентно заседавање и секојдневно носи нови мерки за заштита на здравјето на граѓаните на општина Прилеп и, во таа насока, потсети на дел од донесените мерки.

„Општинскиот кризен штаб донесе заштитни мерки и се’ што треба да се прави, во интерес да имаме што помалку заразени од коронавирусот. Ги дезинфициравме сите основни и средни училишта, детските градинки, Домот за стари лица, укинат е јавниот градски превоз, континуирано се врши дезинфекција на улиците во градот и населените места, плоштадите и тротоарите. Од денеска почнавме со дезинфекција на влезовите во зградите, на сите јавни површини во градот, а затворен е и градскиот пазар. Како градоначалник, сакам уште еднаш да апелирам до нашите сограѓани, да не се вознемируваат и да го почитуваат полицискиот час кој во овие неколку денови добро функционира во нашата општина“, истакна градоначалникот Јованоски.

Инаку, според информацијата од ОВР Прилеп, во самоизолација се наоѓаат 183 граѓани од општина Прилеп, а против едно лице кое ја прекршило оваа мерка, денеска е поднесена кривична пријава.