Додека Владата наведува дека целта е усогласување со меѓународните документи, опозицијата предупредува дека се прави обид за нова амнестија на мала врата.
Во текот вчерашниот ден, доцна попладне, се одржа седница на собраниската Комисија за европски прашања, на која на дневен ред се најдоа владиниот предлог за измена на Кривичниот законик со европско знаме, односно по скратена постапка.Меѓу другото, како што веќе објави „Фокус“, овој предог предвидува промени и во регулирањето на кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злосторничко здружување“, со тоа што се врши ублажување на дел од санкциите, а некои одредби целосно се бришат.
Итнo свикана собраниска комисија, се туркаат измени на Кривичниот законик со „европско знаме“!
Додека Владата наведува дека целта е усогласување со меѓународните документи, како и дека предлогот на законот се заснова врз истите начела врз кои се заснова Кривичниот законик, од опозицијата предупредуваат дека се прави обид за нова амнестија на мала врата.
Дали се турка нова амнестија на мала врата преку намалување на казните за 2 кривични дела?
КАКВИ ИЗМЕНИ СЕ ПРЕДЛАГААТ?
Всушност, Владата предлага законски измени во повеќе кривични дела, како на пример, за испуштање на отровни гасови и материи, предизвикување на штета на животната средина, зараза на добитокот, уништување на растенија, незаконска експлоатација на суровини, пореметување на водниот режим, мачење на животни, незаконски лов и риболов, сеча на шуми и предизвикување на шумски пожари итн.
Исто така, се воведува член за „безобѕирно управување со моторно возило“, кој предвидува затворска казна до 3 години за лице кое нема да се придржува кон правилата и прописите во сообраќајот, безобѕирно управувајќи моторно возило под дејство на алкохол и други психотропни супстанци.
Меѓу овие законски измени, впрочем, може да се сретне предлог за измена на фамозниот член 353, кој се однесува за „злоупотреба на службена положба“. Се уште актуелното законско решение пропишува:
(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.
(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност.
(5) Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
Наспроти тоа, се предлага промена во ставот 3, каде се предвидува дека сторителот ќе се казни со казна затвор од една до 4 години, што значи дека се воведува горна граница, од која се пресметува застареност. Во актуелниот закон нема горна граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку 3 години, што значи дека горната граница се поставува на 20 години, па застареност настапува за 40 години.
Покрај тоа, се чини дека подрастична промена има во делото за „злосторничко здружување“, кое е регулирано со членот 394, кој во став 1 сега предвидува дека „Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до десет години“. Во ставот 2, пак, максималната казна е 5 години.Но, со предложените законски измени се предвидува дека пропишаната санкција до 10 години да се намали на до 3 години, додека санкцијата пропишана до 5 години се намалува на максимални 2 години, што значи дека застареност би настапувала по истекот на 6, односно 4 години.
ОПОЗИЦИЈАТА ОБВИНУВА, ВЛАСТА СЕ БРАНИ
На вчерашната комисиска расправа, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски истакна дека, исто така, во предложените законски измени воопшто ја нема одредбата која се однесува за злоупотреби при постапки за јавни набавки и трошење на буџетски средства.
–Се става целосна амнестија за местење на тендери, а за сите останати дела најтешката казна што може да се добие е 5 години, или за 10 години делата застаруваат, па за кривични дела направени во 2017 година, кога се формираше првата влада на СДСМ и ДУИ најтешко кривично дело во 2027 година има апсолутна застареност. Во превод сите може слободно да крадат – рече Николоски.
Според него, со овие законски измени се прави пат за еден од, како што вели, најголемите срамови што правосудството ќе ги види. Тој посочува дека на шверцерски начин се протнуваат законски измени со европско знаме со цел промена на двата клучни члена, по кои се гонат сите кои функциите ги користат за криминал.
–Преку шверц се овозможува идна амнестија на актуелни функционери. Со овие измени, да преведам, кривични дела што Зоран Заев ги направил во 2017 година како премиер со двајца директори, бидејќи така се прави злосторничко здружување, веќе во моментот се застарени. Владата која дојде со паролата „нема правда нема мир“ ја убива правдата со застарување на кривична дела – рече Николоски.
Тој додаде дека многумина владини функционери за кои и моментално се водат судски постапки, како поранешните владини секретари Драги Рашковски и Мухамед Зекири, ќе се повикуваат на овој закон за да добијат амнестија.
–Надежта на власта е дека избори ќе има в година, максимално што може подоцна. Знаат дека ќе изгубат, но се надеваат кривичите дела да застарат и калкулираат. Но, правдата ќе ги стигне сите како што ги стигала досега. Идната влада на ВМРО ќе ги гони, ќе се најде правен начин, не се само 2 члена во кривичниот законик, има и други. На крај и закани мора да испраќаме, зашто јасно е дека се оди на амнестија за криминалот – порача Николоски.
Од редовите на владејачкото мнозинство, предложените законски измени ги бранеше пратеничката на СДСМ Снежана Калеска-Ванчева, која рече дека сака да говори објективно, притоа негирајќи дека целта на власта е да истурка амнестија. Според неа, со измените се воведува и проширена конфискација.
–Сакам да говорам објективно, а не како Николоски дека се прави шверц. Не се само овие 2 члена, секој што се огрешил за економски криминал може да се гони и ќе одговара. Тие членови се суштината, а не одредени бланкетни норми, кои предизвикуваат штета и носат лов на вештерски, наместо казна на вистинските виновници – рече Калеска-Ванчева.
Таа посочи дека потребно ни е современо законодавство, при што спомена дека во германското законодавство немало вакви бланкетни норми како кај нас, но сепак тоа не значело дека таму не се гонеле функционери.
–Да се знае кое е битието да делото, за да има вистински кривичен прогон. Не требаат бланкетни норми, не ни треба политички прогон, а за жал имавме многу – нагласи пратеничката.Инаку, во образложението на законските измени, покрај останатото, владата навела дека целта е усогласување на Кривичниот законик со меѓународните документи, како и дека предлогот на законот се заснова врз истите начела врз кои се заснова Кривичниот законик.
„Веќе подолг временски период се изготвува новиот Кривичен законик. Во него посебно внимание е посветено на усогласувањето со меѓународните стандарди, а посебно со актите на Европската Унија“, навела Владата.