ФОКУС : ДАЛИ И ЛУКСУЗНОТО „АУДИ“ МУ „ПРЕСУДИ“ НА РАМИЗ МЕРКО?

0
795

Антикорупционерите во 2020 година поднесоа иницијатива за кривично гонење на Мерко поради набавката на патнички возила, меѓу кои и „ауди А6“ вредно 67 илјади евра, но Обвинителството го затвори случајот во фаза на предистрага, иако и ревизорите утврдија дека тендерот е спроведен во време на финансиска нестабилност на Општина Струга.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се најде на американската „црна листа“, чие проширување предизвикуваше интерес по засилените критики на САД за состојбите во македонското правосудство.

Поточно, американскиот Стејт департмент објави дека Мерко е генерално неподобен за влез во САД поради неговата вмешаност во значителна корупција, а на „црната листа“ истовремено се ставени и неговата сопруга и трите полнолетни деца.„Додека ја извршуваше функцијата, Мерко присвои средства и се мешаше во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери на Северна Македонија“, стои во соопштението на Стејт департментот.

Воедно, од таму додаваат дека ова испраќа порака дека САД стојат со Северна Македонија за поттикнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците во владеењето на правото.„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефикасно да одговорат на потребите на својот народ“, се наведува во соопштението.

ШТО МУ „ПРЕСУДИ“ НА МЕРКО?
Еден од случаите поврзани со Мерко, кои може донекаде да се вклопат во ваквиот опис, бидејќи подразбираат трошење на јавни поради, поради што имаше и одредена институционална реакција без епилог, е набавката на луксузното „ауди“ за 4 милиони денари.

Како што пишуваше „Фокус“, по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција, Јавното обвинителство за организиран криминал кон крајот на 2020 година отвори предистражна постапка за набавката на Општина Струга на патнички возила во 2018 година, меѓу кои спаѓа и „ауди А6“.

Предистрага за Мерко поради набавката на Ауди за 67.000 евра
Тогаш, од Обвинителството ни изјавија дека надлежен јавен обвинител активно постапува и „презема дејствија во насока на расветлување на случајот“, притоа истакнувајќи дека не можат да изнесат повеќе детали поради тајноста на предистражната постапка.

Тоа следуваше откако ДКСК во 2019 година, по допрен глас, отвори предмет за набавката на четири возила од страна на Општина Струга, по што поднесе иницијатива до Обвинителството. Според Комисијата, набавката била извршена во „услови на ограничено располагање со буџетот поради повеќегодишна блокада на сметката на општината заради неплаќање на обврските“.
Според антикорупционерите, ваквото основано сомневање е поткрепено и со наводите од ревизијата на финансиските извештаи и на буџетската сметка на оваа локалната самоуправа. Имено, Државниот завод за ревизија констатирал низа неправилности во работењето на општината за периодот 2017-2018 година, при што се нотира дека „продолжуваат условите за настанување на финансиска нестабилност“.

Токму во периодот за кој е извршена ревизијата на финансиското работење на Општина Струга (2018) е реализирана набавката на четири автомобили во вкупна вредност од 7 милиони денари или 114 илјади евра. Според податоците од Бирото за јавни набавки, во конкуренција на две компании, овој вреден тендер го добила битолската компанија „Јосифов“.

Во договорот потпишан меѓу двете страни стои дека набавката се однесува на два автомолиби од марката „шкода рапид“ во вкупна вредност од 1,7 милиони денари со вклучен ДДВ, едно возило од марката „шкода октавија“ во вредност од 1,1 милиони денари, како и возило „ауди А6“ во вредност од над 4 милиони денари.

Што се однесува до највредното од четирите возила – „ауди А6“, од техничките спецификации врз основа на кое е набавено, може да се заклучи дека, покрај останатото, располага со кожен волан со аудио-команди, сензор за дожд, навигациски систем, можност за бежично поврзување со мобилем, алуминиумски тркала…Но, кога две години подоцна побаравме информации за исходот на иницијативите на антикорупционерите, произлезе дека тие поднеле 25 иницијативи за кривично гонење на сегашни и поранешни функционери во 3 години. Притоа, за дел од нив се уште се постапува, додека дел од нив веќе биле отфрлени, а меѓу затворените постапки е и случајот со „ауди“-то на Мерко.