Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава за поранешниот министер за култура Хусни Исмаили за спорна распределба на половина милион евра за проекти.
Финансиската полиција кривичната пријава ја испратиле до тетовското обвинителство за злоупотреба на својата службена положба во период од 2019 до 2020 година, кога потпишал договори за финасирање на проекти, иако за тоа во државната каса немало пари.
„Потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти“, е наведено во соопштението на Финансиската полиција.
За поранешниот министер Исмаили обвинителството отворило предмет уште на 24 август 2021 година, но Финансиската полиција побарала одложување на роковите за да испрати дополнителни докази.
Во телефонска изјава за Телма, поранешниот министер Исмаили негира одговорност и потврди дека својот исказ веќе го дал минатата недела кога бил повикан во финансиската полиција.
-Работите се од порано и нема основа за прогон. Средствата беа планирани, но при исплатата беа блокирани и нема штета за државниот буџет. Можно е да имало исплата на два до три проекти, пред средствата да бидат запрени. Станува збор за пари кои беа планирани за културни активности и доделени на културни работници, но не беа реализирани, ни рече Хусни Исмаили, осомничен и поранешен министер.
На случајот работеше и Антикорупциската комисија која на крајот на 2021-ва година покрена иницијатива за Исмаили затоа што проектите во вредност од околу половина милион евра ги потпишувал после избори и во период кога не смее да се потпишуваат налози за исплата со што противзаконски презел обврски надвор од планираниот буџет.