Wednesday, May 14, 2025
10.4 C
Skopje

ФИЛКОВ : ВРЕМЕ Е ЗА ОСВЕЖУВАЊЕ ВО КОМИСИЈАТА ЗА ПОМИЛУВАЊЕ, ПРАВДА ДАВА САМО ПРЕПОРАКА

Македонската јавност треба да знае дека Министерството за правда не помилува, може да даде само препорака за намалување на казната од 1 до 6 месеци. Потоа таа препорака оди кај претседателката, односно кај Комисијата. Ние имаме еден член и, да бидеме на чисто, тој нема право на глас, односно не гласа, дециден е министерот за правда Игор Филков по скандалозната одлука на Комисијата за помилување, потпишана од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со која беше помилуван Акиф Равманоски.

Тој е припадник на наркокланот Барон, но бил осуден на затворска казна од година и три месеци за поседување оружје. Тој вчераутро, откако излезе од затворот Идризово, уште на затворската капија беше уапсен од полицијата како осомничен за обид за убиство, на 14 октомври, во Чаир. Министерот Филков нагласува дека не може да бара поништување на одлуката за помилување на лицата и повика да не се злоупотребува помилувањето. – Институтот помилување е многу битна работа во државата.

Не смееме да дозволиме да биде предмет на дневнополитички игри и препукувања, а нам тоа ни се случува. Еднаш веќе осудено лице треба да биде упатено на ресоцијализација, не може повторно да го судиме во јавноста. Членот 11 јасно покажува кој што може да прави. Како министер за правда сметам дека е можеби е време да дојде до одредено освежување во Комисијата – рече Филков кој беше во посета на затворот во Струга по повод Европскиот ден на правдата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кон крајот на јули годинава донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување. Претседател на Комисијата за помилување станува д-р Методија Каневчев, а членови се проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

Комисијата за помилување, како постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда. Постапката за евентуално помилување на осудени лица од претседателот почнува со поднесување молба за помилување до судот што ја донел првостепената судска одлука.

Претседателот на Комисијата Каневчев вчера за „Телма“ изјави дека Комисијата за помилување од Министерството за правда добива книга со сите молби за помилување од осудените лица и за сите поединости, по што дава предлог. Осуденикот Равманоски добил првостепената условна казна од Основниот кривичен суд Скопје, но потоа на Апелација била заменета со ефективен затвор, и тоа било пресудно комисијата да одлучи да го помилува.

– Ние го разгледавме случајот и заклучивме тој се однесувал пристојно во затворот, не бил дисциплински казнуван, дека е со високо образование, дека е женет, дека има семејство. Поим немав дека, јас барем, а и сите други, тврдам, дека тој бил некаков шеф на некаков клан и се решивме за првостепената пресуда на Основниот кривичен суд, односно нашиот предлог да биде идентичен со тој на првостепениот суд – рече Каневчев.

По повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“ претседателката покрај Равманоски  помилува 10 осуденици. Извршувањето на изречената казна им се заменува со условна осуда за време од три години на осудените лица: Акиф Равмановски од с. Арачиново во траење од една година и три месеца; Никола Трпчески од Охрид, во траење од една година и Шенол Маслани од Арачиново, во траење од шест месеци.Шенол Маслани е брат на Шенки „Версаче“ од Арачиново. Шенол Маслани во 2019 година беше уапсен во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога.

Со истата одлука за помилување, делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица: Мухарем Али од Скопје, во траење од 2 месеца; Тодор Попов од с. Миравци во траење од 3 месеци; Томислав Симеонов, од Скопје, во траење од 3 месеци; Перо Кузмановски од Градско, во траење од 3 месеци; Живко Делиџаков од с. Богородица, во траење од 3 месеци; Владимир Талески од Битола (поранешен градоначалник на Битола), во траење од 1 година; и Марјан Ефремов од Скопје, во траење од 3 месеци.

ОВАА НЕДЕЛА

ФИЦО ЗАПЛИВА ВО ДУНАВ ПО ШПЕКУЛАЦИИТЕ ЗА НЕГОВОТО ЗДРАВЈЕ

Словачкиот премиер Роберт Фицо објави фотографија на која плива...

ПОЧИНА НИКОЛЧЕ ЗДРАВЕСКИ, ФУДБАЛСКА ЛЕГЕНДА НА ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА

На 54-годишна возраст почина легендата на прилепска Победа и...

НОВИОТ ХИБРИДЕН ФИАТ 500 СЕ ОЧЕКУВА КОН ЗАВРШЕТОКОТ НА ГОДИНАТА

Градското мини со благ хибриден погон ќе се произведува...

ЕЛЕКТРИЧНОТО „FERRARI“ НЕМА ДА ИЗЛЕЗЕ ОВАА ГОДИНА

„Ferrari“ нè наведе да веруваме дека ќе го претстави...

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ