Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека земјата аплицирала за да ги добие првите дози на вакцината против ковид-19 преку Ковакс-механизмот. Според него првата пратка може да се очекува кон крајот на месецов или почетокот на февруари.
„Вчера стигна писмото за најава од страна на Ковакс-механизмот дека е можно вакцините да стигнат на крајот на јануари или на почетокот на февруари. Ние аплициравме со сите документи во однос на подготвеноста на нашиот систем и практично веќе аплициравме да бидеме во првата група на земји во однос на чување на температура на минус 70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку здравствените домови. Дедлајнот за апликацијата е 18 јануари и после останува да видиме кога точно би пристигнала пратката. Според нивното писмо станува збор за Фајзеровата вакцина, а следна која доаѓа предвид е вакцината Астра Зенека – вели Филипче.
Преку три механизми по 800 илјади дози вакцини
Министерот соопшти и дека државата очекува преку три механизми да добие по 800 илјади дози на вакцините, што би било доволно за да се создаде колективен имунитет.
„По три механизми по 800 илјади дози за 400 илјади граѓани. Значи вкупно милион и двесте илјади граѓани, блиску 60 проценти од населението , тоа е предвидување за колективен имунитет. И така се предвидувањата во сите други земји. 833 илјади дози преку Ковакс-механизмот, 800 илјади дози директната спогодба со Фајзер и 800 илјади дози со кои веќе аплициравме и добивме поддршка од Канцеларијата на европската делегација кај нас – рече Филипче при денешната посета на Универзитетската клиника заaгинекологија и акушерство – Скопје.