Филипче: За 1-2 недели очекуваме ефекти од рестриктивните мерки, па бројките да се намалуваат

0
262

Секојдневно сме во комуникација со директорите на болниците, прилив на пациенти има, има и такви што се испишуваат, но сѐ уште е поголем бројот на приеми, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Општата болница во Гостивар.

Во изјава за медиумите тој кажа дека на скопските клиники се обезбедени болнички кревети, кадарот се ротира и целосно е мобилизиран. На интерните клиники има околу 100-120 слободни кревети со кадар кои секој момент може да згрижат ковид пациенти.

Филипче додаде дека Инфективното одделение во Гостивар е полно, но има места на Интерно.

„Очекуваме за една-две недели да ги видиме ефектите од рестриктивните мерки, бројките на новозаболени да се стабилизираат, па да се намалуваат“, изјави тој.

Според Филипче, ковид-центрите не се веќе само објекти, туку се целосно опремени за третирање пациенти.

На прашањето околу реакциите за најавата ученици од медицинските училишта да се вклучат во работата, Филипче изјави дека една од опциите е учениците да се вклучат во работата на одделенијата во кои не се третираат пациенти од ковид и најави разговори за следните денови.

Филипче му се заблагодари на медицинскиот персонал во Општата болница Гостивар и информира дека сите здравствени работници кои директно работат со ковид ќе бидат парично наградени. Средствата за оваа намена, рече, се обезбедени со ребалансот на Буџетот.

„Херојска е вашата борба да се подготви системот за нешто што никој никогаш не предвидел дека ќе се случи, ниту очекувал. Тоа со своите колеги од другите здравствени установи го направивте во најкус можен период. Сакам искрено да ви честитам и да ви се заблагодарам, да укажам дека водиме сметка за секој еден што е вклучен во оваа битка, дека со последниот ребаланс е предвидена награда за сите здравствени работници кои работат со ковид. Да издржиме, сега е најголемата криза, но верувам во вашите способности, во вашата струка и вашите организациски каацитети,“ изјави Филипче.

Тој најави дека гостиварската болница во 2021 година ќе добие магнетна резонанса – нешто што беше најавувано за оваа година, но поради корона ситуацијата е одложено.

На медицинскиот персонал во Болницата благодарност им искажа и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

„Вчера го славевме херојоството на фудбалерите, но всушност нашите секојдневни херои сте вие зашто се борите со ковид. Им честитам им се заблагодарувам на сите здравствени работници за целиот нивен придонес и ангажман“, рече Груби.

Извор : МКД.МК