Филипче за кинеските вакцини: Не стравуваме од ништо, нема ништо сомнително, отворени сме за соработка со Антикорупциска

0
152

Министерот за здравство, Венко Филипче, во гостување на Топ Тема, на телевизија Телма повторно ги отфрли обвинувањата на опозицијата за незаконско и сомнително набавување на кинеските вакцини против корона вирусот.

– Од почетокот внимаваме се да е законски и регуларно во набавката на вакцините против ковид-19 – рече Филипче повторувајќи дека целиот процес бил запрен по инструкциите од кинеското министерство за надворешни работи, дека патот до вакцините на Синофарм не може да оди преку посредници.

– Какви провизии, кога се вратила уплатата, тоа е доказ дека обвинувањата не се точни – изјави Филипче.

– Не стравуваме од ништо. Ние сме апсолутно отворени и за соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата. Нема ништо сомнително во нашата работа, само искрени обиди да стигнеме до други вакцини – вели Филипче.

Тој потврди дека во нашата земја треба да пристигнат околу 800 илјади дози преку системот Ковакс, истата количина од 800 000 треба да пристигне од Фајзер, од Кина се очекуваат 200 000 дози од вакцината на Синофарм, има најави за 200 000 вакцини од фондот на солидарност на ЕУ – односно вкупно над 2 милиони дози за нашите граѓани.

Филипче истакна и дека покрај вакцините, државата морала да развие систем за постепена апликација на вакцините.

Коментирајќи ја изјавата на претседателот Пендаровски дека во разговорите со Фајзер било кажано дека тие не се интересираат за обезбедување вакцини на држави со помалку од 2 милиони жители, министерот Филипче кажа дека претпоставува дека Пендаровски направил веројатно лапсус, затоа што таков коментар нашите претставници добиле од компанијата Модерна.

Со Фајзер разговорите течат и ги очекуваме деталите за доставувањето на вакцините.

Филипче оцени и дека земјите во кои побргу се одвива имунизацијата, учествувале и во клиничките студии на одредени вакцини.