Филипче: Вакцинација со „Спутник В“ веројатно ќе почне во среда, вакцините ќе пристигнат утре

0
160

Имунизацијата со руската вакцина „Спутник В“ која во нашата земја треба да пристигне утре, се очекува да започне в среда, рече денеска министерот за здравство д-р Венко Филипче. Тој тврди дека завршени се сите административни процедури за вакцината да биде ставена во употреба.

„Од рускиот производител на вакцини ги добивме сите документи за да се спреми административната процедура во агенцијата за лекови, многу веројатно е дека вакцинацијата ќе започне во среда. Од рускиот прозиводител нашата земја има потпишано договор за купување на 200.000 дози вакцини“, рече Филипче.

Исто така завршени се сите административни работи, размена на документите и во постојана комуникација сме околу испораката и на кинеските вакцини од производителот Синофарм, посочи Филипче.

„Во нашата земја, во месец март според најавите на прозиводителот Фајзер треба да бидат испорачани 21.060 дози вакцини, а исто така треба да пристигнат и вакцини од прозиводителот Астра Зенека, кои се обезбедени преку Ковакс механизмот“, соопштуваат од Министерстото за здравство.

Инаку, во последните 24 часа во Македонија се направени 3.701 тестирања, а регистрирани се 722 нови случаи на КОВИД-19. Исто така, министерството информира дека се регистрирани 186 оздравени пациенти, додека починати се вкупно 9 лица.

Досега во земјата се направени вкупно 540.725 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 106.832, бројката на оздравени пациенти е 94.461, на починати е 3.185, а бројот на активни случаи изнесува 9.186.