ФИКТИВНО – НЕВРАБОТЕНОСТА СЕ НАМАЛУВА, ПРАКТИЧНО – ДРЖАВАТА СЕ ПРАЗНИ

0
1415

Во 2009 година, прилепската локална самоуправа донесе Локален акционен план за вработување, во кој е извршена анализа на пазарот на трудот во Прилеп.  Според неа, констатирани биле 19.395 невработени лица, за да во 2017 во јавноста биде изнесен податокот дека за 12 години бројот на невработени во Прилеп се намалил за 11.200 лица.

Наспроти ваквата “луцидна“ математика на локалните власти со која бескрупулозно ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните кои најдобро ја чувствуваат атмосферата со (не)вработеноста во градот во кој егзистираат, имаме состојба во која бројот на вработени во јавната администрација од 2008 година до денес е зголемен повеќе од двојно. Локалните власти вработувањата ги користат како Самуилова војска, во која се регрутираат строго партиски војници поставени на раководни позиции, а кои се обични послушници и извршители на одлуките на поединци кои раководат со Општината. Податоците за тоа колку изнесуваат реалните трошоци на државата за привлекување на странски инвестиции во слободните индустриски зони се кријат како змија нозете. Во Прилеп влегоа само две странски инвестиции со околу 600-700 реални вработувања, чии објекти се оградени со бетонски столбови и бодликава жица зад која немилосрдно и багателно се искористува работната сила на нашите граѓани по строго партиски клуч.

За сметка на тоа, локалните стопанственици, трговци и занаетчии, со исклучок на “подобните“, беа немилосрдно дисциплинирани преку изрекување енормно високи казни, со што беа принудени да се откажат од егзистенцијалниот извор на средства за своите вработени. Паралелно со ова, локалните медиуми без усул ја искривуваа таквата реалност пласирајќи најава на идни странски инвестиции и вртоглави бројки за нови вработувања. Локалните стопанственици кои со години функционираат по принципот „отпушти и пак вработи“, таквата пропаганда ја одржуваа во живот преку реализација на проекти на локалната самоуправа. Се изврши селекција на стопанските субјекти на повластени, подредени и оние за отстрел.

Зошто и покрај сѐ не можеме да го видиме и почувствуваме розовиот свет за кој зборува власта? Одговорот на прашањето сигурно ќе го најдеме тогаш кога ќе успееме да ја најдеме логиката на политиките на власта, но и одговорите на уште неколку други “ситни“ прашања:

  • Зошто беа сите оние факултети со дисперзирани студии во секој град, наспроти недостигот на побарувачка на пазарот на труд?
  • Зошто Агенцијата за вработување постави строги критериуми за поделба на активни и пасивни баратели на работа и должност за пријавување на граѓаните?
  • Дали со тоа вештачки се избришаа огромен број на невработени, со што се креира лажна слика за намалување на невработеноста во државата?
  • Зошто власта, која толку многу ја љуби статистиката, се срами да открие податоци за висината на вкупните трошоци на државата за привлекување на странски инвестиции?
  • Зошто бројот на вработувања во администрација, јавните претпријатија и фондовите е двојно/тројно зголемен?
  • Какви импликации по буџетот на државата предизвикуваат таквите вработувања и дали со тоа се купува наклонетост кон власта?
  • Конечно, ако животот во државата е толку добар како што вели власта, зошто младите заминуваат во странство?

Погоре наведените прашања се реторички, заради што оставам сами да процените дали власта воспоставила систем за корумпирање/потчинување на своите граѓани преку создавање на механизам за одбрана со вештачки креирана статистика која нѐ држи покорни, или пак единствениот нејзин успех е што најголемиот дел од нас ги направи зависни од неа?

Адвокат Жарко Стеваноски

Колумната е објавена на порталот Публикум