Ферид Мухиќ: Заев ме покани да станам пратеник, побарав само да останам независен

0
893

„Да бидам кандидат за пратеник ме покани лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Јас само побарав да останам независен, на што тој се согласи и, ете, се најдов на листата“, вели за „Мета“ професорот Ферид Мухиќ, за чие име, откако излезе во јавноста со големи шанси за иден претставник во Собранието, имаше многу реакции по социјалните мрежи и во медиумите.

Тој вели дека реакциите се како зачин на позитивните коментари кои ги добива постојано.

– Постојано добивам пораки со поддршка од Скопје, Тетово, Битола, Дебар, Охрид… Слушнав дека има реакции за мојата кандидатура, но јас никому не му го доведов во прашање интегритетот, така што ни тие не можат да го нарушат мојот интегритет – вели Мухиќ.

На прашањето дали го променил ставот дека абортусот е убиство, вели дека сè уште го мисли тоа.

– Јас можам да кажам дека тие што мислат спротивно, се убијци на деца. Не може така лесно да се промени став. Јас сè уште стојам на тој став – вели Мухиќ.

Вчера СДСМ ги објави листите за пратеници, на кои се најдоа и граѓански активисти и професори. Дел од имињата и денеска се тема на дебата низ медиумите. Од опозициската партија засега се без коментар за овие негативни реакции.

Извор: Мета