Уште 12 повредени во пожарот во Кочани вечерва со авион се префрлени на лекување во Белград. Четворица од нив ќе бидат хоспитализирани во Воено медицинската академија, а осум во Универзитетскиот клинички центар, потврди за МИА д-р Игор Николов, кој е контакт-лице за сите информации поврзани со состојбата на пациентите во странство.
Во Србија досега се префрлени вкупно 29 пациенти. Двајца повредени, пак заминуваат на лекување во Виена, а тројца во Атина. Во меѓувреме, на Клиниката за токсикологија во Скопје се примени десетмина кои се затруле со вдишување гасови.
Сите пациенти кои беа на лекување во Кочани се префрлени во Скопје. Уште тројца се донесени на опсервација поради вдишување гасови. Во пожарот во дискотеката во Кочани животот го загубија 59 млади луѓе, а 155 се повредени.
Дел од повредените се хоспитализирани во болниците во земјава, а потешките случаи се префрлени на лекување во странство.