Ученикот на кого не му следувала државната награда, ќе добие 15.000 денари од Општина Штип

0
722

По бурните реакции во јавноста по повод случајот со талентираниот осмоодделенец Дамјан Давков од Штип, министерката за образование Мила Царовска информира дека тој ќе добие еднократна парична награда од 15.000 денари, од страна на Општина Штип.

Исто така, ученикот ќе добиел и признание за почесен граѓанин на општината.

Несомнено дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, за жал законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. МОН веќе работи на законски измени со кои ќе ја зголеми достапноста за наградите, имајќи го предвид фактот дека во секоја генерација ученици има исклучителни таленти по одредени предмети и области. Продолжуваме да развиваме нови политики за поддршка на талентираните ученици, преку обезбедување на нови и дополнителни можности за развој на нивниот потенцијал- информира министерката.

Случајот со талентираното момче кое победи на државен натпревар по математика, а според МОН не му следувала парична награда бидејќи станувало збор за натпревар за средношколци, а не за ученици во основно училиште, предизвика низа на бурни реакции во јавноста.

Актуелни се обвинувањата дека државата не се грижи за талентираните и трудољубиви ученици, поради што не треба да биде изненадување кога овие деца решаваат да се преселат во земји каде ќе се вреднува нивниот труд.