УТРЕ СО ПОЧЕТОК ВО 19 ЧАСОТ ПРЕД БИБЛИОТЕКАТА КАЈ ДОМОТ НА КУЛТУРАТА ,,МАРКО ЦЕПЕНКОВ” ВО ПРИЛЕП ЌЕ СЕ ПРОМОВИРА ,,ЗБОРНИКОТ НА ПЕСНИ ОД ПРИЛЕПСКИТЕ АВТОРИ”

0
259
„Зборникот на песни од прилепските автори“ во издание на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“- Прилеп ќе биде промовиран на 18, август, 2021год. (среда) во 19 часот. Љубителите на пишаниот збор, како и авторите на песните, кои го отсликуваат актуелниот миг на поетскиот потенцијал на Прилеп, на платото пред Библиотеката ќе другаруваат на отворено, еден час, со примена на антиковид мерките, задолжително со носење заштитни маски.

Актерот Димитар Црцороски ќе чита стихови од авторите чии песни согласно со критериумите на Оценувачката Комисија: Сузана Николоска, Сузана Ѓорѓиевска и Дарко Ристески, се избрани на конкурсот за ова издание на зборникот.
Со овој Зборник, Библиотеката го негува творечкиот, креативниот вруток на прилепските поети, но оддава и почит кон ликот и делото на врвниот македонски акварелист Илија Миноски -Мината (1936-2020). Академскиот сликар Марјан Стојаноски ќе се осврне кон творештвото на Миноски.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски како гостин ќе ја поздрави оваа поетска дружба, честитајќи им на поетите!

Повелете и Вие! Со заштитна маска и убава мисла, на социјална дистанца од 2 метра, да чествуваме заедно!

Нашиот град имал културни дејци, има и денес талентирани и потврдени со многу признанија поетеси и поети! Има Библиотеката која е центар на културните случувања низ децениите! Затоа заедно да го дадеме нашиот придонес кон роднокрајното творештво, кон македонскиот јазик, литература и култура, во година кога чествуваме 100 години од рагањето на нашите сограѓани: патронот Борка Талески, кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, македонскиот драматург Коле Чашуле и  истакнатиот македонски културен деец, Благоја Корубин!