За да продолжи бесплатниот превоз за студентите, потребно е Владата на Република Северна Македонија да донесе поединечна одлука со висината на средствата што ќе се релоцираат за таа цел. Ова го соопштија од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) по денешната средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Со оваа мерка [Владата] ќе го задолжи Министерството за образование и наука да префрли средства за бесплатен превоз за студентите предвидени на конто за студентски стандард согласно Буџетот за 2025 година“, се вели во соопштението на УСС УКИМ.
Од таму испраќаат апел до Владата и МОН да ја донесат потребната одлука на утрешната владина седница, со цел ЈСП Скопје да може да го продолжи бесплатниот превоз за студентите во 2025 година. Државниот завод за ревизија во својот извештај објавен во октомври утврди дека МОН две години не исплаќало средства кон ЈСП Скопје за бесплатниот студентски превоз, поради што јавното претпријатие ги возело студентите на свој трошок. Причината за неисплаќање на средствата е што во 2022 и 2023 година, Владата не донела одлука за продолжување на мерката бесплатен превоз за студенти.
Ова доведе до недоразбирање и обвинувања меѓу Град Скопје и Владата, при што градоначалничката Арсовска тврди дека за бесплатниот студентски превоз, Владата на ЈСП Скопје му должи 8 милиони евра – сума за која рече дека на почетокот од 2025 година ќе порасне на 10 милиони евра. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претходно во август рече дека нема правен основ по кој МОН би го исплатило долгот и најави дека случајот ќе продолжи на суд.