Во рамките на првото продолжение од 2. Седница, Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите ги усвои заклучоците од одржаната Јавна расправа на тема: „Рамноправност на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“.
Зaклучоци:
- Подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на рамноправноста, недискриминацијата, земјоделството, руралниот и социјален развој;
- Креирање на акциски план и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија,односно препознавање на неплатениот труд на жените преку измена на законот што предвидува социјална пензија;
- При креирање на мерките, политиките и стратегиите кои се однесуваат на земјоделството и руралниот развој да се води сметка за рамноправност на жените и мажите;
- Подобрување на достапноста на јавните услуги (здравствени, образовни и социјални услуги) за жените во руралните средини, што е во согласност со Целите за одржлив развој;
- Измени на Законот за здравствено осигурување со цел остварување на правото на родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци;
- Министерството за здравство неопходно е да го продолжи инклузивниот процес за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување во кој ќе бидат вклучени и здруженијата на граѓани кои ги застапуваат руралните жени;
- Да се развие стратегија за обезбедување на олеснителни критериуми при аплицирање на руралните жени за добивање под закуп на државно земјоделско земјиште;
- Спроведување на кампањи за подигнување на јавната свест за рамноправност на жените и мажите при располагање со земјиштето, односно стекнување на правото на сопственост;
- Поголемо вклучување на жените од руралните средини во креирањето на политики на локално (преку комисиите за еднакви можности) и национално ниво. Да ги поттикнеме локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите да одржат јавни расправи во соработка со граѓанскиот сектор и со централната власт и да ги промовираат мерките, со цел поголема информираност на жените за искористување на планираните средства;
- Да се разгледаат можностите за подобрување на сервисите за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и нивната достапност за жените од руралните средини, вклучително и можностите за зголемување на бројот на засолништа за жените кои преживеале насилство и семејно насилство на разумно растојание од руралните средини и услуги за советување и рехабилитација и пристап до медицинска и психолошка поддршка;
Веднаш по завршувањето на оваа седница, претседателката на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, Жаклина Пешевска, ја отвори и Третата седница, на која едногласно беше изгласано одржување на нова јавна расправа на тема: „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“.