УПРАВНИОТ ОДБОР ЈА УСВОИ ДРАФТ ВЕРЗИЈАТА НА НАЦИОНАЛНАТА РАЗВОЈНА СТРАТЕГИЈА

0
290
Драфт верзијата на Националната развојна стратегија (НРС), која ги дефинира приоритетите на државата во наредните 20 години, е финализирана и прифатена од Управниот одбор во кој членуваат сите вицепремиери, министерот за финансии, пратеници во парламентот, членови на МАНУ, претставници на амбасади и меѓународни организации, бизнис секторот и граѓанските организации. Станува збор за сеопфатен документ кој опфаќа економски, социјални, еколошки и културолошки аспекти на развојот на нашата држава во наредните две декади.

„Националната развојна стратегија е доказ дека само фокусиран пристап и грижа за државата и нејзиниот развој ќе не одведе онаму каде што сакаме, онаму каде што нашите граѓани, нашите деца заслужуваат да бидат после 20 години“, порача вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

„Процесот на подготовка и самиот нацрт на Националната развојна стратегија несомнено говорат за фактот дека станува збор за еден квалитетен, сеопфатен и кохерентен документ“, рече Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.

Процесот на подготовка на Националната развојна стратегија траеше речиси три години и во него директно се вклучија околу 14.000 граѓани, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор, државните институции и голем број на домашни и странски експерти. НРС ја опфаќа визијата за иднината на Република Северна Македонија и претставува пример за консензуален, надпартиски, надгенерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен документ, во чија подготовка активно се вклучија политичките партии и од власта и од опозицијата.

„Има доволно прашања по кои можеме да се разликуваме како политички субјекти, но мора да градиме консензус за политиките кои се неопходни за развојот на нашето општество и за напредокот на државата“, истакна Славица Грковска, вицепремиер задолжен за политики за добро владеење.

„Се надевам дека политичките партии ќе ја земат во предвид НРС, како глас на народот, во нивните партиско-политички манифести. НРС може да се преточи во владина програма, за да се осигура континуитет на развојниот пат. Како и секогаш, ОН се подготвени да ги поддржат луѓето и институциите на Северна Македонија во овој процес“, изјави Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија.

„Процесот на креирање на овој документ беше навистина комплексен, но сметам дека заедно успеавме да создадеме стратегија која успешно и сеопфатно ќе одговори на сите претстојни предизвици за земјата и ќе понуди трајни и одржливи решенија за идниот општествен развој, во согласност со принципите на Агендата 2030 и процесот на пристапувањето во ЕУ“, истакна Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Членовите на Управниот одбор изразија задоволство од досега сработеното и дадоа поддршка за процесот кој следува. Собранието едногласно го усвои Законот за Националната развојна стратегија во прво читање. По конечното носење на законот, пратениците ќе треба да го изгласаат и документот на Националната развојна стратегија, по што ќе започне нејзината имплементација.

Процесот на креирање на Националната развојна стратегија, Владата на Република Северна Македонија го реализира во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Изработката на НРС е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка.